Потребни се екстремни вештини за да се вози велосипед во Скопје.
Возењето велосипед во одредени делови на Скопје кои не се поврзани со велосипедски патеки, но и на местата каде што има изградено ваков тип патеки, има поставено контејнери, билборди и слично, може да претставува сериозен проблем, особено за помалку искусните велосипедисти, за децата, но и за повозрасните граѓани. Дополнителен проблем при возењето велосипед се и високите рабници, кои не се приспособени за потребите на велосипедистите и при нивно преминување може да дојде до несакан пад од велосипедот, повторно доколку станува збор за помалку искусен велосипедист, независно на која возрасна група ѝ припаѓа.
Важно е да се зголемува велосипедската мрежа, но важно е да се прави тоа и по стандарди. Вакви „детали“, за жал, има и на најдобрите патеки низ градот! Минување низ автобуски постојки, остатоци од канделабри, неспуштени рабници на пешачки острови, незаштитени пешачки острови…
На Скопје му се потребни промени во повеќе области за да стане град со одржлив и безбеден сообраќај, пријателски за пешачење и за возење велосипед. Промените се започнати, но се одвиваат со пребавно темпо и во недоволен број области, а неретко паралелно на добрите промени на едно место, се случуваат назадувања на друго.
Бучавата, небезбедноста и напнатоста по улиците не мора да бидат одлика на Скопје. Скопје треба да ги истакне придобивките од градскиот живот, социјалните средби, живоста на јавните простори, различните можности, а лошите страни да не ги прифаќа како нужно зло – ги објаснуваат придобивките од подобрување на инфраструктурата потребна за велосипедистите од иницијативата „На точак“.
Скопје, сите заедно треба да го направиме поубаво место за живеење каде ќе се миниизираат лошите навики!