Пазарниот удел на електрифицираните автомобили во Европската унија продолжува брзо да расте на сметка на автомобилите со мотори со внатрешно согорување, според податоците од Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) за третиот квартал од 2021 година. И електричните автомобили и „плаг-ин“ хибридите ја удвоија популарноста кај Европејците и речиси го удвоија својот удел во период од три месеци, сега сочинуваат 9,8 проценти и 9,1 проценти од пазарот, соодветно.
Регистрациите на хибридни електрични возила достигнуваат 20,7 отсто од вкупниот пазар во Европската унија, за првпат пред оние на дизел. Помеѓу јули и септември 2021 година, традиционалните модели со мотори со внатрешно согорување продолжуваат да ја губат популарноста. Продажбата на автомобили со бензин се намали за 35,1 проценти на 855 илјади, а нивното учество се намали од 47,6 проценти во третиот квартал од 2020 година на 39,5 проценти сега.
Истовремено, побарувачката за електрични возила порасна за 56,7 отсто, а продажбата достигна 213 илјади, и покрај севкупниот пад на регистрациите во Унијата во тој период. Во Италија, регистрациите на електрични автомобили пораснале за 122 отсто, во Германија за 63 отсто, во Франција за 35 отсто и во Шпанија за 22 отсто.
„Плаг-ин“ хибридите, исто така, забележаа значителен пораст – 43 проценти на 197 илјади. Во Италија, зголемувањето е најзначајно – 131 проценти. Следува Шпанија со 86 отсто, Франција со 50 отсто и Германија со 38 отсто.
Хибридите, пак, пораснаа за 32 проценти на речиси половина милион продажби. Овде побарувачката расте најмногу во Централна Европа – за 70 проценти.
Продажбата на автомобили со компримиран природен гас падна за 49 отсто, најмногу поради падот во Италија (-39 отсто), која е главниот пазар.
Во исто време, регистрациите на возила со течен гас пораснале за 28 отсто на 63.000.