Погледнете ја камерата и вратата ви се отвора. Патувањето со московското метро сега е полесно од било кога – барем за оние кои аплицирале да платат билет користејќи технологија за препознавање лице.
Со помош на апликацијата МосМетро, корисниците сега може да се регистрираат за овој бесконтактен начин на плаќање со помош на фотографирање на лицето и банковната картичка.
Повеќе од 25.000 луѓе веќе ја искористија оваа можност на првиот ден од пуштањето во употреба, објави транспортното претпријатие на главниот град на Русија.
„Ги надминавме сите очекувања“, рече Максим Ликсутов, заменик-градоначалник, задолжен за јавен транспорт.
Технологијата беше тестирана од почетокот на годината.
„За да влезат во метрото, патниците не мора да имаат картичка или паметен телефон – само да погледнат во камерата на влезот“, објаснува тој.
Системот работи на 240 метро станици во најголемата европска метропола. Се очекува начинот на плаќање, наречен Face Pay, во следните две до три години да го користат барем 10 до 15 отсто од патниците. Сигурен е и може да се користи дури и кога носите маска на лицето, уверуваат надлежните.