Во Македонија само минатата година се регистрирани 152 несреќи при работа, од кои 25 биле фатални, односно завршиле со смрт. Во земјава според Македонското здружение за заштита при работа, стапката на смртни случаи при работа, во споменатиот период изнесувала 3,14% односно на секои 100.000 вработени, гинат од 3 до 4 вработени.
Смртни случаи на работно место:
Македонија 3,14%
В. Британија 0,3%
Стапката на повреди при работа е 15,97%, односно на секои 100.000, околу 16 вработени се повредуваат. За споредба, во Велика Британија, стапката на смртност изнесува само 0,3%.
„Недоволното имплементирање на законот за безбедност и здравје и при работа е проблем кој доведува до ова. Не може да ги окривуваме ниту работодавачите ниту вработените бидејќи од двете страни имаме работи кои не се почитуваат…“, рече Славица Јанкова- Македонско здружение за заштита при работа.
Во Македонија не постои национален регистар за бројот на работници кои загинале или се повредила на работното место. Затоа, постои разлика меѓу податоците на државните институции и на граѓанскиот сектор, чиишто бројки се многу поголеми.
„Имаме работодавачи кои се залагаат и кои инвестираат во системите за безбедност и здравје при работа, но има и работодавачи кои сметаат дека инвестицијата е трошок…“, рече Весна Ристовска-Македонско здружение за заштита при работа.
Во 2020 година најмногу несреќи имало во јавната управа и во одбраната, потоа во преработувачката индустрија, градежништвото и во земјоделството. Оваа година заклучно со август 2021 евидентирани се 82 повреди и 9 смртни случаи на работно место. Тука не се бројат случаите кога работници се заразиле со Ковид-19 при работа и кои како последица на тоа – починале. За проблемот со повредите при работење, во Охрид деновиве се одржа медиумска работилница на која имаше претставници од повеќе балкански држави.