Речиси веќе се е поскапено, а цените на прехранбените производи нема да престанат да растат. Прогнозите не се воопшто оптимистички, аналитичарите предвидуваат дека нагорениот тренд на инфлацијата ќе продолжи, а некој производи не само што ќе бидат многу скапи, туку и ќе ги нема, слика која веќе ја гледаме во маркетите на повеќе европски земји.
Цените се зголемени, особено на оние производи кои се дел од потрошувачката кошничка на граѓаните, што негативно се одразува врз нивните семејни буџети. Освен производите во маркетите, поскапен е зеленчукот на пазарите, а според прогнозите на земјоделците цените на земјоделските производи допрва ќе растат.
Од Стопанската комора на Македонија велат дека сè уште се прават анализи и засега остануваат на ставот дека цените на прехранбените производи ќе продолжат да растат, но не знаат до кога. Оттаму додаваат дека инфлацијата кај нас и не е толку голема како во европските земји, односно дека допрва ќе следи пораст и недостиг на некој од основните прехранбени производи.
И економистите предупредија дека проблемот со инфлацијата е многу сериозен, на кој треба сериозно да се работи, зашто и досегашните поскапувања се проблематични. Според индексот на цените на мало инфлацијата веќе достигнува 4 отсто, а според нивните очекувања годинава ќе заврши со инфлација од 4,5 до 5 отсто.
Инфлацијата и во еврозоната е во постојан раст во септември била на највисоко ниво во последните 13 години. Особено зголемување на цените во септември има кај енергијата, која е за цели 17,6 отсто поскапа отколку во септември 2020 година. Цените на индустриските добра пораснале за 2,1 отсто, а на услугите за 1,7 отсто.
Извор: vecer.press