Метеорологот Славчо Попоски најавува дека циклон ќе ја зафати Македонија, при што во западните делови ќе има поинтензивни врнежи.
Тој вели дека во понеделник кон крајот на денот облачноста од запад ќе се зголемува и ќе потпаѓаме под влијание на циклонска активност која ќе биде со центар над северен Јадран.
„Во текот на ноќта кон вторник од запад ќе започнат врнежи од дожд, кои во вторник ќе се прошират речиси насекаде и особено на запад ќе бидат поинтензивни, каде локално ќе наврнат околу 20 л/м2 воден талог. Ќе дува слаб до умерен, а во вторник до засилен ветер од југоисточен правец. Температурите поради јужното воздушно струење, и покрај оваа промена на времето ќе бидат релативно високи и ќе се искачуваат во интервалот од 13 до 17 степени. И во Скопскиот регион до понеделник времето ќе биде сончево и стабилно со температури кој ќе се искачат до околу 17 степени. Сепак наутро ќе биде студено и ќе има услови за појава на магла и ниска облачност, а минималната температура ќе се спушти до околу 0 степени“, соопшти Попоски за faktor.mk
Промена на времето и во Скопје и околината ќе има во вторник кога ќе има врнежи од дожд, а врнежите ќе бидат проследено и со умерен до засилен ветер од југоисточен правец.