Претприемачите велат дека мора да подготвено да ги дочекаат евентуалните проблеми, оти не им е во корист да затвораат на неколку часа или да им презакажуваат на муштериите.
Трговците и малите занаетчии се надеваат дека зимава ќе помине без рестрикции на струја, ама сепак „фрлаат око“ и на алтернативните решенија, со кои ќе можат да ги премостат. Кој има, го подготвува стариот агрегат, а кој нема бара да си купи. Претприемачите велат дека мора подготвено да ги дочекаат евентуалните проблеми, оти не им е во корист да затвораат на неколку часа или да им презакажуваат на муштериите.
Струјата е неопходна не само за осветлување, туку и за фрижидерите и за фискалните каси, за бојлерите и за феновите. За дуќанот да биде осветлен и да работи фискалната каса, во оние часови ако снема струја, доволно е да имате мал агрегат од 1,5 киловат, а таа инвестиција е околу 20.000 денари. На веб страниците кои нудат разна стока, може да се најдат и половни и поевтини агрегати.
Електричари со кои разговаравме велат дека генерално агрегатите се машини кои механичката енергија ја претвораат во електрична. Во зависност од силата, тие може да бидат мобилни (со помали димензии и јачина) и стационарни (големи и силни).
Како погодни агрегати за малите дуќани доволно е да бидат со јачина од 1,5 киловати, за да не се расипат некои апарати во деловниот простор. Тие се со мали димензии, но во урбаните средини мора да води сметка и бучавата. Агрегатите се користат секаде каде што е потребно беспрекорно функционирање на ИТ системите, а со цел да се спречи губење на податоците за услугите или за корисниците. Затоа агрегатите имаат примат во телекомуникациските компании, болниците, банките, државната управа итн. Значи секаде онаму каде што системот е неопходно да работи без прекин – објаснуваат професионалните електричари.
Агрегатите работат на дизел, бензин или гас, а произведуваат монофазна и трофазна струја. Бензинските се поевтини,но електричарите предупредуваат дека испуштаат отровни гасови кои може да бидат фатални ако се престојува во затворена просторија.