Владата на денешната редовна седница ја донесе Националната стратегија за вработување 2021-2027 година, со вклучен Акциски план, која предвидува стапката на невработеноста да опадне на 11 проценти за работоспособно население
Како што информираат од владината прес-служба, согласно трендовите на закрепнувањето на економијата и на пазарот на трудот, спроведувањето на Стратегијата е предвидено во две фази.
Првата е пред сè фокусирана на ублажување на негативните последици на пандемијата од Ковид-19 врз вработувањето и воведување на потребните реформи за почеток на втората фаза - од 2024 до 2027 година на политиките, која е попрогресивна и насочена кон приближување до Стратегијата за вработување на Европската Унија.
Како што соопштија од Владата, според проекциите за вработеноста, стапката на учество на вработените во вкупното население до 2027 година ќе се зголеми на 60 проценти, додека стапката на невработеност ќе опадне на 11 проценти за работоспособното население.
- Националната стратегија за вработување е придружена и со Гаранцијата за млади, чиј план за спроведување ќе се преформулира во 2022 година за да се земе предвид постигнатиот напредок, влијанието на пандемијата врз вработувањето на младите и прилагодувањата воведени во Програмата за поддршка на младите на ЕУ со што се очекува значително поголемо вработување на младите, се наведува во владиното соопштение.