За топлење на струја на едно домаќинство му се потребни до 30.000 денари за една сезона
Неблагодарно е годинава да се укажува кој вид греење ќе биде најисплатлив за граѓаните во текот на зимскиот период, велат познавачите. Според нив, причина за тоа е енергетската криза во Европа, а со тоа и во земјава и континуираното поскапување на цената на енергенсите на светските пазари, особено на електричната енергија, нафтените деривати и природниот гас.
Кај нас, како што нагласуваат, голем дел од граѓаните се греат на електрична енергија чија цена Владата ја гарантира до крајот на годинава.
Проблем е цената на природниот гас и на нафтените деривати која во изминатиов период расте на берзите заради фактот што парното греење за скопјани работи во најголем дел токму на природен гас, кој е тешко да се набави доколку претходно не бил букиран од трговците со гас.
Во земјава интензивно се грее три месеци
Според проф. д-р Константин Димитров од МАЦЕФ, грејната сезона најчесто трае шест месеци, од кои во три е неопходно поинтензивно греење, додека во останатите најчесто се сведува на делумно загревање на просториите.
Тој за МИА посочува дека најевтино достапно греење е со огревно дрво, а доколку доволно би се развил гасоводниот систем во земјава и со тоа би се зголемила потрошувачката на природен гас, првенство би имало греењето на гас. Во моментов, како што вели, гасот е достапен само за домаќинствата во Куманово и Струмица, а во останатите делови од земјава се уште нема соодветна гасоводна мрежа.
Според публикацијата „Потрошувачка на енергенти во домаќинствата“ 62 отсто од вкупниот број домаќинства користат дрва како примарен извор на енергија, 29 отсто се греат на електрична енергија, а само осум отсто се приклучени на централно парно греење.
За греење со огревно дрво од 19 до 25 илјади денари годишно
Просечно македонско домаќинство годишно користи од три до 10 кубни метри огревно дрво за загревање или најчесто околу шест кубни метри, смета професорот Димитров. Доколку се подели вкупната произведена и продадена дрвна маса на годишно ниво со бројот на кубните метри неопходни за греење се добива дека повеќе од 130.000 домаќинства се греат на огревно дрво.
Максималната малопродажна цена на огревното дрво испорачано до купувач во ЈП „Национални шуми“ е 3.000 денари по кубен метар за даб и 2.900 денари за бука со вклучен ДДВ, но дополнително огревното дрво треба предвреме да се нарача, најчесто на крајот на изминатата грејна сезона за да биде испорачано во тековната грејна сезона. Просечната, пак, малопродажна цена за кубен метар буково огревно дрво во приватните складишта се движи од 3.300 до 3.800 денари, а кај дабовото дрво е поскапа за 200 до 300 денари по кубен метар. На тоа треба да се додадат пари за транспорт, сечење и за цепење и складирање на дрвата. Тоа покажува дека за греење со огревно дрво просечно македонско домаќинство одвојува од 19 до 25 илјади денари годишно.
Во домаќинствата најчесто се грее една соба. Доколку, пак, се загреваат повеќе простории или домаќинството има сопствено парно греење на дрва, потрошувачката на огревно дрво оди и до 20 и повеќе кубни метри на годишно ниво, за што се неопходни и повеќе од 80.000 денари годишно.
Дополнителен проблем е што во моментов не може да се најде огревно дрво на ниту едно од приватните складишта.
Тешко да се оцени колку домаќинства се греат на струја
Особено тешко е да се процени колку домаќинства во земјава се греат на електрична енергија, бидејќи никој нема обврска да најави со што ќе се грее.
Пресметките покажуваат дека за греење на електрична енергија просечно македонско домаќинство треба да одвои и до 30.000 денари во нормално студена година, а доколку температурите се пониски сумата значително се зголемува.
Ако се има предвид дека цената на електричната енергија за еднотарифните мерила изнесува 5,36 денари за потрошен киловат час и ако се знае дека за загревање на една просторија од дваесетина квадратни метри просечно се трошат по околу 2 киловат часови електрична енергија на час, лесно може да се дојде до податокот дека дневно за греење ќе се потрошат по околу 25 киловат часови или околу 134 денари. Кога на нив ќе се додадат и 5 отсто за ДДВ се добива дека дневно ќе се трошат по 140 денари за загревање или 4.200 денари месечно, односно околу 25.200 денари годишно.
Цената, како што истакнува професорот Димитров, би била речиси двојно помала доколку се грее со инвертер (клима уред што работи на пониски температури и троши помалку електрична енергија од вообичаените клими), но ваквиот вид на греење не може да работи при екстремно ниски температури под – 15 степени Целзиусови. За набавка на ваквите уреди државата и општините во неколку наврати досега нудеа субвенции до 60.000 денари за замена на нееколошкото греење со инвертер уреди. И за годинава се најавува слично субвенционирање за граѓаните кои ќе ги депонираат во отпадни складишта печките на дрва и ќе набават инвертер клима уред.
Доколку домаќинството има двотарифно броило цената на електричната енергија се движи од 6,69 денари за скапата до 3,36 денари за евтината тарифа. Ако, пак, се знае дека евтина тарифа има во периодот од 22 до 7 часот, кога најчесто не се грее, и секој ден од 14 до 16 часот, а во недела цел ден, лесно може да се оцени дека за затоплување со двотарифно броило треба да се одвојат повеќе средства. Доколку, пак, се загрева целиот станбен простор сметката за струја месечно може да изнесува и повеќе од 10.000 денари.