Дали некогаш сте се запрашале од каде и од кога потекнува македонската валута – денарот, но и која е историјата на основната македонска парична единица? Во модерно време, фразата „за еден денар“ се чини често употребувана во маркетингот, во продажбата, во многуте понуди и промоции на кои секојдневно сме сведоци, токму поради симболиката на додадената вредност – за толку малку, можете да добиете толку многу. И, има логика.
Малку историја
Денарот е македонска валута прв пат усвоен од 26 април 1992. Името „денар“ потекнува од староримската монетарна единица „денариј“ и претставува израз на историскиот континуитет на употребата на парите на територијата на Македонија од римската антика до средновековниот период.
Монетата од 1 денар за првпат е изработена во 1993 година во ковницата сувенир „Самоков“, а автори на ликовното и техничкото решение на монетите се Димче Бошкоски и Снежана Атанасова, вработени во ковачницата.
Физички карактеристики
Анализирајќи ги физичките карактеристики и изглед, фактите кои треба да се потенцираат се дека монетата од 1 денар е со дијаметар од 23,8 милиметри и тежи 5,10 грама, изработена од челично јадро и обложена со бакар и месинг.
На монетата, на предната страна се наоѓа стилизиран хоризонт со сонце од 16 краци, кое го симболизира првото државно знаме на Република Македонија, а во долниот дел е испишана вредноста на монетата – 1 ДЕНАР. На втората страна на монетата е претставена стилизирана верзија на македонскиот шарпланинец, а во ореолна форма (циркуларно) е испишано претходното име на државата, и годината кога денарот за првпат е ставен во оптек. Највпечатливиот дел од монетата се краците во форма на сонце и шарпланинецот.
Според информации, споделени од страна на креаторите на денарот, тие се обиделе да креираат основна парична кованица која ќе ги има највпечатливите содржини карактеристични за државата.
Употреба
Кованицата 1 денар е во оптек од 10 мај 1993 година. Таа, од пуштањето во оптек па сè до сега, Народната Банка ја има произведувано во изданија од 1997, 2001 и 2016 година. Кованите пари кои сега најчесто ги користиме се произведени од издание во 2016 година, а колку точно „кованици“ се произведени е информација која претставува банкарска тајна и не се открива јавно.
Вредност
Вредноста од 1 денар е минимална, но таа, истовремено е појдовната точка за тоа колку пари и денари ни се потребни за да купиме нешто. Вредноста на 1 денар значи малку во соодносот со тоа колку добра и услуги таа вредност може да ви приушти. Но, колку денес вреди 1 денар?
Дали со 1 денар можете да го платите утринското кафе, или да си купите појадок? Се разбира дека не – затоа што вредноста на денарот е мала, но сепак значајна за да ви обезбеди нешто сосема друго… Како што кажавме на почетокот – некоја додадена вредност „за само еден денар“.