Работната група за ревидирање на Правилникот за нормативи и стандарди за исхрана во градинките денеска одржала работен состанок, на кој се предложени промени во исхраната на децата во градинките и стандардите за неа.
Работната група препорачува зголемен внес на свежо овошје и зеленчук, но и конзервираната храна да биде заменета со замрзната. Од употреба да бидат исфрлени и конзервираните преработки од месо и синтетички паштети. Исто така во исхраната на децата да бидат отстранети и додадените вештачки засладувачи, кечапот и мајонезот, а наместо маргарин во исхраната да биде вметната употребата на путерот и на ладно цедено масло.
Членовите на работната група се на став дека е важно оброците да имаат енергетска и нутритивна вредност соодветна на возраста и потребите на децата и затоа сметаат дека се неопходни погоре наведените измени во нормите. Исхраната на децата игра клучна улога во нивното здравје.
Разноликоста на храната и внесот на здрави оброци кај децата во предучилишно образование е клучна за нивниот правилен детски развој, затоа што преку неа тие ја добиваат енергијата која им е потребна за учење и игра, карактеристична за нивната возраст. Оттука произлегува и иницијативата на Министерството за целосно ревидирање на Правилникот за исхрана на децата во градинките.
Извор: meta.mk