Вирусот е се поприсутен кај помладата популација, но за да се добие јасна слика дали во училиштата има трансфер или тој се внесува од надвор мора да бидат тестирани најмалку 10 до 15 проценти од учениците.
Во моменталниот скрининг кој опфаќа околу 3% од учениците не може да се добијат релевантни резултати.
Со 2,5 или 3 проценти ние не можеме да имаме релевантни резултати, плус тоа немаме ни евиденција дали тие деца што се одбрани дали се по случаен избор, дали се прележани, дали не се, дали се вакцинирани или не, така да во моментот не можеме да извлечеме некоја информација со која ќе формираме една генерална слика за состојбата во училиштата - вели Д-р Сашко Олумчев - Епидемиолог.
За разлика од истиот период лани кога речиси и да немало позитивни деца на корона вирусот моменталните тестирања покажувале дека сега токму тие се една од главните таргет групи. Според Олумчев тоа e пред се резултат на нивната здравствена не дисциплина и непочитувањето на мерките.
,,Минатата година скоро и да немавме деца за тестирање. Сега имаме и кај нив најголем дел позитивни резултати покажуваат токму тие ученици, малку повозрасните во основните училишта и повозрасните во средните училишта кои се како што реков, здравствено недисциплинирани,, вели Олумчев.
Растот на бројките е очекуван, бидејќи времето заладува, концентрацијата на луѓето во затворен простор е се поголема, а мерките пред се носењето на маски и држењето дистанца не се почитуваат. Дополнителен проблем претставува и нискиот тренд на вакцинација. Потенцира дека единственото решение е превентивата, но и да се најде начин да се реактивира процесот за имунизација кој драстично опаѓа, во спротивно вирусот ќе продолжи да циркулира и да создава нови мутации.
Извор: sitel.com.mk