Економската криза предизвикана од пандемијата од ковид 19, ги засега сите сектори на функционирање во државата.
Поскапувањето на горивата предизвика домино ефект и во другите гранки каде цените се во постојан пораст, а најголемо влијание извршија врз секторите кои се зависни од овој енергенс. Од ваквата ситуација засегнати се транспортерите, такси превозниците, автобускиот превоз, но за сега барем во овие гранки нема поскапување на цените иако како што велат работат на раб на егзистенција.
Тука се и автошколите кои особено минатата година беа погодени од рестриктивните мерки и кога нивната работа беше запрена. Сега кога повторно функционираат велат изминатиот период се сменија многу работи, давачките пораснаа па ќе мора и ние да ги коригираме цените за нашите услуги.
На оваа тема се огласи и претседателот на Националното здружение на автошколи и возачи инструктори – Јонче Апостоловски:
Бараме покачување на цената на услугите за 30%, односно тие да се движат од 24 500 до 26 илјади денари. Ова се должи на зголемувањето на цените на прехранбените намирници и нафтените деривати. Претходно минималната цена беше 19 300 и тука ако ги одбиете тие 3000 за ДДВ, тогаш е невозможно да се работи. Час и пол со секое превозно средство ќе ви наплатат толку.
Овде имате обврски и кон уплата, средства за инструктори, амортизација на возилото, непредвидливо трошоци за дефект на возилото. Претежно се работи за А и Б категорија. Ние сакаме да се вратиме шест години назад, таа цена што ја понудивме тогаш, сега да биде актуелна и да можеме да продолжиме да работиме. Тешко е да се живее и работи со оваа професија. Младите кренаа раце. На најниски гранки сме.
Според него, оваа иницијатива е од сите автошколи во земјава, а некои веќе почнале да работат со новата цена.
Извор: lokalno.mk