Јапонија, која со децении воведува строги ограничувања за странците кои сакаат да престојуваат во земјата, планира да ја олабави својата имиграциска политика, пишува „Reuters“
Земјата на изгрејсонцето ќе постави квоти за претставници на одредени професии кои ќе имаат право на неограничен престој.
Мерките ќе стапат на сила од почетокот на 2022-ра година, соопшти јапонското Министерство за правда.
Во 2019-та година, Јапонија донесе закон кој им дозволува на работниците во 14 клучни сектори, вклучително и земјоделството, здравствената заштита, социјалната заштита, да добијат работна виза. Но, тоа беше за период од само пет години и не вклучуваше членови на нивните семејства, со исклучок на оние кои се вработени во градежништвото и бродоградилиштата.
Според претставници на многу јапонски компании, токму овие ограничувања го спречија масовното ангажирање странски работници. Затоа, Владата планира да ги ублажи, а во исто време се очекува мерката да опфати повеќе сектори од економијата.
Доколку законот биде усвоен, имигрантите, главно од Кина и Виетнам, ќе можат да ги продолжат визите на неодредено време и да ги донесат членовите на нивните семејства во Јапонија.
Сепак, владиниот портпарол Хирокацу Мацуно рече дека постојаната работна виза не значи дека странските работници автоматски ќе добијат јапонско државјанство. Постои посебна процедура за аплицирање за тоа.
Со децении, имиграцијата е табу тема во Јапонија, бидејќи многу жители на островот ја ценат етничката хомогеност на општеството. Меѓутоа, во последните неколку години, притисокот за постепено отворање на границите се интензивираше, главно поради акутниот недостиг на работна сила и стареењето на населението.
Законот од 2019-та година предвидуваше вработување на 345.000 работници во секторите што ги покрива за период од пет години. Сепак, имаше само околу 3.000 апликанти еден месец пред избувнувањето на пандемијата со Ковид-19, што доведе до целосно затворање на границите.
До крајот на 2020-та година, во Јапонија работат вкупно 1,72 милиони странци, со вкупно население од 125,8 милиони. Тие претставуваат само 2,5% од работната сила.