Додека светот сосема ги исфрла од употреба пластиката за еднократна употреба и кесите, во земјава сè уште се дискутира за нивното поскапување во маркетите и дали тоа е решение или не за намалување на отпадот.
Отпадот и начинот на негово депонирање со години наназад е една од најголемите опасности за животната средина кај нас. Овој сектор е и еден од најсериозните емитери на стакленички гасови во земјава, а причината лежи во децениското несоодветно третирање на отпадот, слабо функционалниот систем на селекција и нефункционирањето на циркуларна економија.
Според последниот национален инвентар на стакленички гасови за земјава, секторот отпад е еден од секторите со најбрзорастечки емисии. Причината за ова е фактот што немаме регионални депонии со систем за рециклирање, а следствено на тоа недостасува и систем за селектирање на отпадот на национално ниво.
Она што треба да биде обезбедено со политиките и законската регулатива за секторот отпад, е воспоставување на систем за селектирање на отпадот на неколку фракции (пластика, стакло, лименки, хартија) со цел да се намали отпадот кој го создаваме. Тоа, ќе мора да го направат општините, бидејќи и да имаме најдобра законска регулатива и политики на централно ниво, токму локалните самоуправи општините се оние кои ќе мора да превземат поголема одговорност во соодветно спроведување на овие закони и политики, вклучително и соодветна едукација и информирање на граѓаните на своите општини.
Навистина е срамота во 2021 година сè уште да се зборува само за примарна селекција на отпад на сув и мокар, наместо на повеќе фракции и уште посрамно е што деновиве дискусијата помеѓу граѓаните е околку зголемувањето на цената на пластичните ќеси што претстои, иако тие во многу држави веќе се забранети за употреба со цел заштита на нашата животна средина и клима.
Оваа област е доста комплексна, а токму заради несоодветниот начин со кој се справуваме со отпадот од секаков вид тој дава голем придонес во загадувањето на воздухот, водата и почвата.
Од Министерството за животна средина велат дека се работи за реформа на законодавството во областа на управувањето со отпадот. Опфатени се општиот систем на национално ниво регулиран во општиот Закон за управување со отпадот и посебни закони кои се однесуваат на посебните текови на отпадот, ориентирани кон принципите на циркуларна економија и превенција на отпадот, односно реупотреба, преработка и рециклажа.
Извор: meta.mk