Породилното отсуство не смее да се смета за кариерна стагнација или уназадување на жената!
Правото на породилно отсуство изнесува 12 месеци, од кои 9 платени и три неплатени (кои мајката може, но и не мора да ги искористи). Во овој период од 9 (или 12 месеци) во кој жената не оди на работа, вообичаено се смета дека е период на неактивност на жената, иако не е правилно да се смета така. На жените е потребно да им се овозможи период на мајчинство, тоа е нивна биолошка, но и социјална улога, како и законско право кое го користат.
Потребно е да се подигне свеста пред сè на работодавачите, дека овој период не е ниту стагнација, ниту загуба за фирмите, туку природен процес на мајчинство, по кој жената се враќа на работа. Веројатно потребно е да се регулира периодот на породилно отсуство на жената поинаку, односно да не се смета за нејзина неактивност и кариерна стагнација.
Исто така, за оние мајки кои можат и сакаат да се едуцираат во периодот на породилното отсуство, веројатно ресорното министерство може да организира онлајн курсеви и/или други ресурси за едукација и обука, но притоа да се исклучи можноста од наметнување на таквите средства како задолжителни, па макар и посакувани/ препорачани од страна на работодавачот, туку да се задржи карактерот на незадолжителност и факултативност, согласно личен избор на жената.
Од друга страна и како општество воопшто мора да го перцепираме периодот на породилно отсуство како составен дел на кариерата на жената и како позитивен настан во нејзиниот живот. Жените треба да бидат охрабрени да се реализираат и на семеен план, се разбира повторно согласно личниот избор.
Извор: bankometar.mk