Сите се надевавме дека пандемијата, по две активни години и пронаоѓање на вакцините, брзо ќе стане минато и ќе можеме да се вратиме на нормалниот живот. За жал ова не е случај и наместо да има намалување на бројот на заболени повторно има раст низ цела Европа. Ако сакате да навлезете малку повеќе во статистиката позади овој „досаден“ вирус, разгледајте го Трекер.мк – проектот за анализа на податоци за COVID-19 кој нуди и REST API.
За олеснување на идентификацијата на вакцинацијата, Министерството за здравство претстави две апликации за паметни телефони кои се користат како доказ за вакцинираност и како алатка за потврда на вакциналниот статус. Двете апликации заедно се своевиден пар, па едната го чува сертификатот за вакцинација, а другата се користи за да ја потврди веродостојноста на сертификатот. Се надеваме дека големо внимание е посветено кон доверливоста на податоците и сертификатите, особено по случајот во кој беа издадени валидни ЕУ сертификати за ковид-19 на име на Адолф Хитлер и Sponge Bob.
Двете апликации се MK Wallet и MK Verifier и на iOS и на Android продавниците за апликации се објавени од страна на профил на Министерството за здравство.
MK Wallet е мобилна апликација која е наменета за сите граѓани и се користи како локација на која дигиталниот сертификат може да се зачува на телефонот. Користењето е едноставно, иако може да биде и подобро.
MK Verifier е наменет за помала група на корисници, на оние кои треба да ги „легитимираат“ луѓето и да потврдат дали податоците се точни. Апликацијата е уште поедноставна за користење и единствено се користи како скенер за QR-кодовите.
Линкови до двете апликации се достапни на страницата вакцинација.
Како да ги користите MK Wallet и MK Verify?
За почеток ќе биде неопходно да креирате кориснички профил. За среќа ;) Како што и треба да биде, ова е супер едноставно. Потребни ви се матичен број и мобилен телефонски број. По внесувањето на овие податоци назад ќе добиете SMS код кој го внесувате во полето; ја внесувате лозинката и готови сте со креирање на профил за нов корисник.
Следно што треба да направите за да користите MK Wallet е да се логирате и да го преземете „ЕУ Дигиталниот Ковид Сертификат“. Тука треба да бидете малку внимателни бидејќи има „EU Digital COVID сертификат“ и „COVID19 Сертификат за вакцинација од Министерство за здравство“.
Проблемот е што ако направите превид и преземете погрешен сертификат апликацијата нема да ве извести дека скенирате погрешен QR-код туку ќе заглавите на следниот чекор во кој треба да го внесете TAN-кодот. Апликацијата во овој момент го очекува TAN-кодот, но погрешниот сертификат всушност доаѓа без оваа информација, па може да заглавите барајќи информација која не постои. Ако го преземете точниот сертификат TAN-кодот е лесно видлив и не може да направите никаква грешка. Понатаму одбирате „Save“ и потоа лесно може да се одбере кодот и да се прикаже кога тоа ќе биде потребно.
Направивме неколку тестови на апликацијата и главно немаше проблеми. Сепак во еден од тестовите MK Verifier одбиваше да го прочита QR-кодот. Бришење на апликацијата и реинсталирање го реши овој проблем.
MK Verifier е уште и поедноставна за користење. Апликацијата е наменета за оние луѓе кои треба да проверат дали некој има валидна ковид вакцинација или не. Треба само да ја преземете и инсталирате апликацијата. По инсталирањето само ја отворате апликацијата, дури не треба да одберете да скенирате туку само да го насочите паметниот уред. Ако клучевите се истечени едноставно одите во „нагодувањата“ и одбирате „Reload“.