Враќањето во живот на термоелектраната Неготино, која работи на мазут е задоцнет потег, тврдат од Стопанската комора на Македонија. Поисплатливо ќе биде електрична енергија да се купи од берзите отколку да се активира оваа термоелектрана затоа што ќе бидат потребни и трошоци за сервис и одржување. Ѓорѓи Манасков од Стопанската комора тврди дека со сите давачки, еден мегават час произведен во ТЕЦ Неготино ќе чини најмалку 200 евра.
„Во овој случај ние може само да спречиме недостаток на електрична енергија и помалку рестриктивни мерки, затоа што ќе имаме електрична енергија сопствена во државата. Но, тоа не значи дека ќе имаме евтина електрична енергија“, рече Ѓорѓи Манасков претседател на Стопанската комора за енергетика.
Според Манасков, цената за граѓаните сепак ќе порасне, па Владата веднаш мора да делува и да го укине данокот од 18 отсто за компаниите и пет отсто за граѓаните.
Од ТЕЦ Неготино за Алсат кратко соопштија дека мазут за работа имаат само за неколку дена. Во следниве две недели откако ќе набават дополнителен мазут, ќе ја пуштат во употреба термоелектраната. Од Владата потенцираа дека електраната ќе работи од декември до април идната година.
Првичните информации до кои дојде Алсат се дека сметките за струја од Нова година за домаќинствата ќе бидат повисоки за девет отсто. Но, конечната одлука ќе се знае по 20 декември.