Во третиот квартал од годинава во земјава вкупно биле слободни 8.595 работни места. Додека, пак, пополнети биле над 500 илјади, или точно 500.145 работни места. Тоа значи дека стапката на слободни работни места изнесува 1,69 отсто.
Ако се гледа според апсолутната бројка, за тоа каде најмногу се бараат работници според занимањата, дури 2.550, недостигаат во услужните дејности и продажбата.
Потоа следуваат техничари и сродни занимања, каде има 1.448 слободни работни места, додека, пак, 1.167 слободни места има за занимањата ракувачи и составувачи на постројки.
Недостигаат и 1.144 службеници, како и 829 стручњаци и научници. Потоа, 776 слободни места има кај занимањата за неиндустриски начин на работа во производството, а недостигаат и 643 работници кај елементарните занимања. Фалат и 43 стручни работници во земјоделството, шумарството, рибарството и ловот.
И ако за речиси сите други занимања има слободни места, тие се најмногу пополнети кај директорските и државните функции. Па така, само 15 слободни работни места има кај занимањата – членови на законодавни и извршни тела, државни функционери, раководни државни службеници, дипломати и директори.
Кога станува збор, пак, за пооделните дејности, и тоа каде има најмногу слободни работни места, тоа е преработувачката индустрија, каде недостигаат 1.732 работници. Во таа гранка, пак, пополнети се 115.467 работни места, така што таму стапката на слободни места е 1,48 отсто, само нешто пониска од просечната.
Како што наведуваат од Државниот завод за статистика, слободно работно место може да биде новоформирано платено работно место, незафатено или веќе постоечко работно место кое набрзо ќе се ослободи и за кое работодавачот презема активни чекори за изнаоѓање соодветен кандидат. Во слободни работни места се вклучени: слободните работни места на неопределено и на определено време, слободните работни места со полно и со скратено работно време, како и слободните работни места кои се отвораат поради долгорочни отсуства, на пример, породилно отсуство или долгорочно боледување. Стапката на слободни работни места е однос помеѓу слободните работни места и збирот на слободните и пополнетите работни места, искажан во проценти.
Потоа, наредни по број на слободни места се трговија на големо и трговија на мало, поправката на моторни возила и мотоцикли, каде има 1.554 слободни работни места, наспроти 83.628 пополнети.Тука стапката на слободни места е 1,82 отсто.
И во градежништвото има место за оној кој сака да најде работа во тој сектор. Односно, таму бројот на слободни работни места е 906, наспроти 28.988 пополнети места. Позначаен број на слободни работни места, односно 730, има во секторот административни и помошни услужни дејности, каде пополнети, пак, се 21.226 места. Во дејноста транспорт и складирање се бараат 648 работници, а следува секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна, со 626 слободни места, а веднаш зад него е дејноста образование, каде недостигаат 626 работници.