Компаниите во декември како пилот, а од јануари 2022 и официјално ќе можат да ги применат поволностите при спроведување на царинските постапки во двете држави
На граничниот премин Прешево директорите на царинските управи на Република Северна Македонија и на Република Србија, потпишаа Протокол за заемно признавање на одобрениjата за Овластен економски оператор (ОЕО).
Потпишувањето на Протоколот произлезе од заклучоците на министерскиот состанок што се одржа на 13-14 ноември во Ниш во рамки на иницијативата Отворен Балкан и со него се опфатени 34 компании од Република Србија и 21 компанија од Република Северна Македонија.
Тоа, како што соопшти Царинската управа, значи дека ќе имаат можност за намалени физички и документарни контроли при спроведување на царинските постапки, известување за контрола во случај кога пратката е селектирана за физичка контрола, приоритет при спроведување на физичките и документарни контролите во случај кога се селектирани за контрола, можност за избор на место за спроведување на контрола, надвор од местото на царинскиот орган и приоритет при преминување на граничните премини.
- Со потпишувањето на овој Протокол, царинските управи на двете држави се обврзаа меѓусебно да го признаат процесот на валидација на одобренијата за Овластен економски оператор (ОЕС), спроведен во рамките на ЦЕФТА, процес што почна во мај 2019 година, а заврши во јануари оваа година. Со ова двете држави станаа првите земји во регионот на Западен Балкан кои меѓусебно ќе почнат со оперативна примена на процедурите и придобивките со кои се стекнаа имателите на одобренијата за ОЕО, наведува Управата.
Овој Протокол за заемно признавање на ОЕО, треба да придонесе за полесно движење на стоките помеѓу двете држави и намалување на трошоците за извоз и увоз на имателите на овие одобренија.
Извор: zelenaberza.com.mk