Што е стагфлација и дали треба да бидаме загрижени за тоа?
Овој термин е комбинација од два збора – стагнација и инфлација. Тоа означува период на низок економски раст и високи стапки на невработеност, додека растат трошоците за живот.
Ова е проблем, бидејќи вообичаените мерки за намалување на инфлацијата може дополнително да го забават економскиот раст. Централните банки можат да ја намалат инфлацијата со зголемување на каматните стапки, но тоа значи дека пласирањето пари на пазарот ќе биде поскапо. Ова може да резултира со уште поголемо забавување на економијата.
Најлошата стагфлација во САД се случи кон крајот на 1970-тите. Инфлацијата достигна 13,3 проценти во 1980 година, додека стапката на невработеност во 1982 година беше 10,8 проценти.
Зголемените цени на енергијата и тешкотиите во глобалниот синџир на снабдување придонесуваат за инфлацијата. Сето ова се случува во услови на пандемија на коронавирус.
Сепак, економистите се поделени околу тоа дали се најавува враќање на стагфлацијата. Некои веруваат дека раната фаза на стагфлација е веќе воспоставена, додека други сметаат дека таа не е неизбежна. Со оглед на горенаведеното, веројатно е дека централните банки ќе мора да интервенираат, заклучува Светскиот економски форум.