„Visa“ лансираше нова консултантска услуга која ќе им помогне на клиентите на компанијата да се движат низ светот на криптовалутите. Операторот на картички објави дека услугата ќе биде наменета главно за финансиски институции, трговци и други компании, пренесува „CNBC“.
Ова е уште еден чекор во стратегијата на „Visa“ да го зголеми своето присуство на пазарот на криптовалути. За периодот од почетокот на октомври 2020-та година до крајот на септември 2021-ва година, компанијата обработила трансакции поврзани со криптовалути во вредност од 3,5 милијарди долари.
Компанијата се надева дека новата услуга ќе помогне во ширењето на биткоинот и други криптовалути. Како и нејзините конкуренти од „Mastercard“, „Visa“ ги гледа криптовалутите како главна област за раст што ќе и овозможи да расте надвор од банкарските картички.
Во последните неколку години, операторите со картички се соочија со жестока конкуренција од финтех стартапи кои развиваат сопствени апликации. Конкретно, „Visa“ е под притисок на „Amazon“, кој минатиот месец објави дека ќе престане да прима плаќања со картичките на компанијата во Велика Британија поради превисоките такси.
Онлајн платформата на Џеф Безос презеде слични чекори во Австралија и Сингапур.
Истражувањето на „Visa“ на 6.000 луѓе ширум светот покажа дека 94% од потрошувачите имаат одредена идеја за криптовалути. А околу една третина веќе ги искористиле за инвестирање или како платежно средство.