На дваесетина дена до Новата година, втора во оваа пандемија речиси и да нема никаква еуфорија или атмосфера која потсетува на прослава на најлудата ноќ во годината. Здравствената криза полека но сигурно ги промени навиките и приоритетите на граѓаните па поради превенција добар дел од граѓаните веќе решија за Нова година да си останат дома.
Но за оние кои се одлучни дека без журка не може да помине ниту еден 31 декември, туристичките и угостителски работници за нив подготвија понуди. Во однос на протоколите за превенција и властите подготвија мерки за работа на угостителските капацитети.
Туристичките агенции од Македонија за новогодишните и божиќните празници нудат аранжмани пред се во туристичките локалитети во земјава и оние кои се наоѓаат во опкружувањето. Има и дел од понудите за во подалечните земји но интересот не е задоволителен, туристичките работници се надеваат дека веќе од пролет оваа голгота ќе заврши и луѓето ќе почнат нормално да живеат, а тие да си ја работат својата дејност. Во однос на цените за поблиските дестинации се движат од 70 до 150 евра за викенд патување, по спа центрите се малку повисоки цените и се движат од 80 евра од ноќ па нагоре.
„Понудите за Нова Година се најголем дел за Балканот, Србија, Бугарија, Грција, Романија, Сараево, Босна како и Турција и Унгарија. А од далечните дестинации има понуди за Дубаи и Египет. Интерес има но истиот е далеку помал во однос на нормалните услови. За жал со постоењето на рестриктивни мерки како и менувањето на условите за влез во многу држави ја отежнува нашата работа односно влијае врз одлуката на граѓаните да патуваат. За Македонија понуда има во Охрид и на планините Маврово, Шапка, Пелистер, Крушево и кај нас цените за 2 ноќевања со свечен дочек на Нова Година се од 150 евра па нагоре по лице. Но и за кај нас интересот не е многу голем, но бидејќи нема многу понуда за планинските дестинации на крај тие ќе се пополнат. Но, генерално ја немаме онаа побарувачка како од 2019 година“, велат од Туристичко угостителска комора.
Од Министерство за здравство велат дека следната недела ќе одлучуваат дали има потреба од носење на нови превентивни мерки или на сила ќе останат последните објавени.
„За организирање настани, прослави во објекти, ресторани, хотели постојат протоколи кои се усвоени од страна на Владата. Комисијата за заразни болести на седницата што ќе ја одржи следнта недела согласно анализите од епидемилошката состојба во државата ќе одлучи дали ќе даде нови предлог мерки. Мерките се усвоени на 115-та седница на Влада и истите се објавени во Службен весник“, велат од Министерството за здравство.
Но од здружението на хотелиери велат дека се' уште немаат добиено прецизни протоколи за работа во делот на организирање на новогодишна забава.
„Немаме никакви протоколи за работа. Знаеме дека за новогодишната ноќ треба да се организира и жива музика, треба со време да ги резервирате тие бендови, групи кои сакате да ги ангажирате за да се знае што има во понудата на хотелот. Јас се надевам дека во најбрзо време ќе се донесат протоколи и тоа ќе биде најдобро за нас но и за агенциите“, изјави здружанието на хотелиери.
Правилата кои се на сила дозволуваат работа на барови и ноќни клубови – дискотеки, како и на угостителските објекти кои се регистрирани за прослави од типот свадби, родендени, крштевки и слични забави кои се во стилот на новогодишната прослава. Во затворениот дел на објектите, додаваат властите дека до 50% е дозволена исполнетост од капацитетот на просторот.
Се дозволува влез во секаков вид на објекти од отворен и затворен тип но со поседување и приложување на еден од следните документи:
– до 14 ноември 2021 година е потребно сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примена најмалку прва доза на вакцина против заразната болест КОВИД-19, а од 15 ноември 2021 година сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот SARS-CoV-2, односно примени две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19;
– сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето;
За дочекот на Новата година по се изгледа дека и годинава ќе останат празни и плоштадите низ градовите, но тоа е како превентивна мерка од страна на локалните власти и да нема масовно групирање и опасност од пренесување на заразата.