Владата донесе одлука да се замрзнат цените и на оризот, тестенините и јајцата до 31 јануари 2022 година.
-На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе одлука за проширување на листата на производи за кои ќе важат цените кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на мало и на големо. Листата се проширува со три нови основни прехранбени производи: ориз, јајца и тестенини.
Oваа одлука е со цел да се превенираат евентуалните поскапувања на овие основни производи кои исто како и другите основни прехранбени производи масовно се користат во исхраната на населението.
Oдлуката ќе важи до 31 јануари 2022 година.
Владата на 4 декември донесе одлука да се замрзнат цените на лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, нема да се менуваат до крајот на јануари. Замрзнувањето на цените важи во трговијата на мало и на големо.
Од Владата најавија дека одлуката за определување највисоки цени на основни прехранбени производи, може да биде продолжена и по 31 јануари 2022 ако тоа и натаму го бара состојбата на пазарот.
Извор: novamakedonija.com.mk