ССМ вчера поднесе предлог до Собранието и до Министерството за труд и социјална политика за донесување на закон со кој минималната плата треба да изнесува 18.000 денари. ССМ бара и висината на минималната плата да не биде пониска од 60 отсто од просечната месечна нето-плата во последните три месеци, како и спирално зголемување на сите останати плати во државата. А како аргументи за зголемувањето на минималната плата ги посочува порастот на животните трошоци и најавите за зголемување на цената на струјата по Нова Година.
„ССМ секој месец ја пресметува синдикална минимална кошница во која се опфатени производите и услугите кои се најнеопходни за егзистенција на едно семејство. Гледајќи го порастот на цените на услугите и производите на пазарот кои се од витално значење за нормалниот живот, разговаравме дека не може да чекаме до март кога согласно закон се врши усогласување на минималната плата. Имавме енормно зголемување на храната, средствата за хигиена и на горивата и врз основа на нашите пресметки и нашата интенција минималната плата да биде 60 отсто од просечно исплатената плата, направивме пресметка која покажа дека минималната плата треба да биде 18.000 денари“, изјава генералниот секретар на ССМ.
Додава дека мора да им се помогне на работниците за да може полесно да ги подмират основните месечни потреби имајќи предвид дека по Нова Година се очекува зголемување на цената на струјата, а замрзнатите цени на основните прехранбени продукти важат до 31 јануари.
Последните податоци за синдикалната минимална кошница покажуваат дека таа во октомври е зголемена за 200 денари во однос на септември. Според податоците на ССМ, вредноста на синдикалната кошничка во октомври изнесувала 34.584 денари. Најголем процент од месечните трошоци одат за храна и за режиски трошоци.
Извор: faktor.mk