Тринеделниот зимски распуст ќе биде во редовниот период, согласно календарот на МОН, рече министерката за образование Мила Царовска и додаде дека нема потреба од негово поместување бидејќи состојбата со ковид во земјава и натаму е стабилна.
Царовска изјави дека во случај состојбата со ковид драстично да се промени поради ризикот со омикрон, тогаш МОН има одговорност да ја разгледа ситуацијата и заедно со Комисијата за заразни болести да донесе одлука која ќе биде во интерес на учениците и заштита на јавното здравје.
Во однос на наставата која од септември се спроведува со физичко присуство, Царовска истакна дека досега покажува одлични резултати.
„Се почитуваат протоколите, се штити јавното здравје, а учениците имаат соодветни услови за учење во училиштата. Скринингот направен од Министерството за здравство покажа дека состојбата е стабилна. МОН дневно од сите училишта собира податоци и процентот на нови позитивни случаи не се зголемува повеќе од 0,3, а во последните недели не е ни повеќе од 0,02 проценти“,
истакна Царовска.
Царовска истакна дека во ниту еден момент активните случаи со ковид-19 кај учениците кои следат настава со физичко присуство не надминал 0,3 проценти, што укажува на стабилност на состојбата, а дека највисок интерес на децата во моментот е да бидат во училиште.