Околу две третини од домаќинствата поседуваат патнички автомобил, додека велосипед околу една третина и мотор само 6,6 отсто. Телевизор во домот имаат 95 проценти од анкетираните домаќинства, персонален компјутер поврзан на интернет – 58,8 %, радио – 19 %, фотографски апарат – 12,7 %, музички уред – 11,8 %, а видеокамера – 2,6 проценти, покажува статистичкиот годишник на Македонија за 2021 на Државниот завод за статистика.
Струја, вода и канализација имале сите анкетирани домаќинства, додека телефонски приклучок – 42,5, а централно греење само 13,9 %. Додека сите анкетирани домаќинства имале кујна и бања – 99,2 %, балкон или тераса имале – 89,8 %, гаража само – 30 проценти.
Во однос на снабденоста на домаќинствата со трајни потрошни добра, статистичкиот годишник за 2021 покажува дека 96,5 % од домаќинствата поседуваат електричен шпорет, 73,8 % шпорет на цврсто гориво, а 4,4 отсто дека поседуваат шпорет на гас или комбиниран шпорет.
Додека 99,3 проценти од анкетираните домаќинства поседуваат фрижидер и 98,4 проценти бојлер, клима-уред поседуваат 39,4 %, а машина за миење садови 27,1 отсто.
Според начинот на загревање на домот, најголем дел анкетирани домаќинства се грееле со печки – на цврсти горива – 80,4 %, на струја – 10,4 % и на течни горива – 0,6 %. На централно греење биле 3,8 проценти од домаќинствата, додека парно со сопствено греење имале 3,5 % на дрва, 0,5 % на струја и по 0,3 % на течни горива и комбинирано.
Во однос на видот на станот во кој живеат, најголем дел домаќинства – 44,7 % живеат во четирисобен или поголем стан, 29 % во трособен, 19,6 % во двособен стан, 3,8 % во еднособен стан, 2 % во посебна соба и 0,6 % во гарсониера. Најголем дел домаќинства 24,8 % живеат во стан 81 – 100 м2, 14,9 % во стан со над 120 м2, потоа 13,2 % во стан 61 – 70 м2, 13 % во стан 71 – 80м2, 11,2 % во стан 51 – 60 м2, 6,7 % во стан 41 – 50 м2, 3,7 % во стан 31 – 40 м2 и 1 процент во стан до 30 м2.
Според основата на користење најголем дел – 95 проценти живеат во сопствен стан, 2,9 % кај некој што се во сродство, а 1,8 % живеат кај закупец.
Од Државниот завод за статистика посочуваат дека: Податоците се добиени врз основа на статистичкото истражување „Анкета за потрошувачката на домаќинствата”, спроведено во текот на 2020 година. Изборот на 5.040 домаќинства е извршен преку двоетапен стратифициран примерок, при што во првата етапа е извршен избор на пописни кругови од Пописот на населението во 2002 година, а во втората етапа е извршен избор на домаќинствата за анкетирање.
Просечен број членови на анкетираните домаќинства е 3,65, додека во просек вработени биле 1,26 член. Во просек вкупно расположивите средства по анкетирано домаќинство во 2020 година изнесувале – 479.207 денари или 7.766 евра. Најмногу имале мешовитите домаќинства – 630.246 или 10.214 евра, потоа земјоделските – 483.741 или 7.840 евра, а најмалку неземјоделските 457.634 денари или 7.417 евра годишно.