Вработените во Германија може да очекуваат значително зголемување на платите во новата година, покажува корпоративната студија на водечкиот локален економски институт „Ifo“.
Компаниите од една страна бараат квалификуван кадар, а од друга нагло расте минималната плата, објаснуваат економистите.
Од анкетираните 630 раководители задолжени за персонал, 78 отсто очекуваат платите да се зголемат во просек за 4,7 отсто. Кратењето на платите е исклучително ретко меѓу одговорите.
„Најголем пораст на платите се очекува во услужниот сектор – во просек од 5,8 отсто“, се вели во студијата.
Едно објаснување за ова може да биде големото зголемување на минималната плата: од сегашните 9,60 евра на час, таа од 1-ва јануари стана 9,82 евра, а од 1-ви јули 2022-ра година ќе се зголеми за уште 6,4 отсто на 10,45 евра.
Коалицискиот договор на новата сојузна влада предвидува уште едно зголемување на минималната плата во 2022-ра година – до 12 евра на час. Според студијата на менаџерите за човечки ресурси, од ова би имале корист во просек 20% од вработените во давателите на услуги, 10% од оние во трговијата и 7% од оние во индустријата.
Од друга страна, 80% од анкетираните менаџери за човечки ресурси бараат квалификувани работници. Речиси сите од нив ќе имаат проблеми во овој поглед:
„Се очекува потешкотиите во наоѓањето квалификувани работници да се влошат во споредба со минатата година“, напишаа економските истражувачи.
40% од компаниите планираат да го зголемат бројот на своите вработени, а само 12% да укинат работни места.
„Анкетираните менаџери на персонал веруваат дека зголемувањето на атрактивноста на стручната обука е најсоодветната мерка за борба против недостигот на квалификувани работници“, се заклучува во студијата.