Германскиот производител на луксузни автомобили БМВ, планира да отвори 6.000 нови работни места во следната година, најави претседателот на управниот одбор, Оливер Зипсе.
„Компанијата напредува во преструктуирањето, подготви погони за е-мобилност и очекува пораст на продажбата и во 2022 година. Затоа следната година ќе ја зголемиме нашата работна сила за пет отсто“, изјави Зипсе.
Новите работници се потребни поради големата побарувачка за нови електрични модели, објасни Зипсе.
Новите работни места во БМВ се отвораат пред се во Германија. Компанијата бара стручњаци за истражување на батерии, автоматизирано возење, развој на софтверот и ИТ безбедност, како и ИТ архитекти за база на податоци и програмери за апликации. Во производството се бараат и работници за електроодржување и за управување со постројките.
БМВ моментно има околу 120.000 вработени.