Познатото албанско летувалиште Саранда последнава деценија станува втор дом на семејства од Македонија. Освен што таму го поминуваат летниот одмор голем број наши туристи, се побројни се и нашинците кои купуваат недвижности во овој бисер на Јонското Море.
Сега, кога цените на становите кај нас вртоглаво растат и веќе достигнаа 2.000 евра за квадратен метар, оние кои купиле имот во Саранда, но и во другите албански приморски градови се сосема сигурни дека направиле добра инвестиција.
За македонските граѓани Саранда е атрактивна дестинација за одмор, но и за купување имот веќе 10-15 години. Јас првиот апартман таму го купив во 2008 година, а вториот во 2010 година. Кога го купував првиот апартман цените беа околу 500-550 евра за квадратен метар за становите на првата линија, да не кажам веднаш до плажа. На повисоките линии беа дури и поевтини. Тогаш цените на квадратот во Скопје беа речиси двојно повисоки, околу 900-1.000 евра, вели Трајковски за весникот ВЕЧЕР.
Цените се движат од 800 евра во делот на петта-шеста линија до морето, па до 1.500 евра во предниот дел за станови во полуксузни згради. Цените зависат од локацијата, односно близината до море, дали зградата е стара или нова, каква е градбата, дали е со мермер, какви плочки има, дали има базен… Но, во ултралуксузните згради веднаш до море квадратот веќе може да чини и 2.000 евра.
Средната вредност на која најчесто се наоѓа нашиот купувач е некаде околу 1.000 евра. Нашите граѓани главно купуваат апартмани во згради. Цените и таму растат, особено сега во ковид-периодот, кога растат и цените на материјалите. Но, за разлика од кај нас, таму поскапувањето е пропорционално, не е бомбастично. Има зголемување од некои 50 до 100 евра, без нагли скокови, вели нашиот соговорник.
Што се однесува до давачките за недвижнините во Албанија, тие се сконцентрирани на цената на станот. Агенцискиот надомест како и секаде е 1 до 1,5 проценти од вредноста, а се плаќа и нотарскиот трошок кој не надминува 200 евра. Данокот на промет е минорен, па на вредност од 100 илјади евра доаѓа околу 350 евра, кои се плаќаат еднократно. Во Албанија нема годишен данок на имот како кај нас, па по трошоците при купувањето останува уште секоја година да се плаќа давачка за одржување на зградата од околу 50 евра.
Саранда станува се поатрактивна за странците со тоа што се опкружува со нови патишта, а се пробива и тунел во правец од Ѓирокастро со што патувањето од Македонија се крати за 40 минути до еден час.
Оние кои се заинтересирани за купување апартман во Саранда, може да се информираат преку нивните веб- сајтови, но и преку дваесетината агенции за недвижнини, од кои некои ги држат македонски граѓани.
Дека и по скокот на цените македонските граѓани не престанале да се интересираат за купување недвижнини на албанското приморје.
Обично се купуваат апартмани од втора рака, односно веќе користени, но некои сакаат и нови. За отприлика 50.000 евра може да се купи стан со бруто-површина од 70 квадратни метри, во која влегува и терасата и некои други делови од зградата. Гарсониера во градба со бруто површина од 38 квадратни метри, пак, се продава за 38.500 евра. Се продаваат и гаражи кои чинат околу 10.000 евра.
Саранда е едно од најатрактивните албански туристички места и се смета за престолнина на албанската ривиера. Времето е топло, но од пладне до приквечерина без престан дува освежувачки маестрал. Градот изобилува со барови, ресторани, продавници за сувенири, но има и интересни места за опуштена прошетка. Современиот живот пулсира паралелно со историјата чиј сведок е најголемиот археолошки парк на Балканскиот Полуостров, античкиот град Бутринт, кој е оддалечен 15 километри од Саранда. Во панорама на градот може да се ужива од замокот Лекуриши, кој се наоѓа на оддалеченост од пет километри. Градот го добил името по грчкиот збор саранда, што значи 40, а се однесува на 40-те ерменски војници кои не сакале да се оддалечат од Христос, па биле оставени на немилост да умрат од студ.
Саранда е оддалечена десетина километри од исто така популарното летувалиште за македонските граѓани – Ксамил, кое се смета за скриен скапоцен камен на Албанија со своите 40 до 50 средени плажи и четирите карпести острови на самата граница на националниот парк Бутринт. Но, исто така, Саранда е оддалечена само две наутички милји од грчкиот остров Крф и од неговиот истоимен главен град.
Сево ова го прави градот атрактивен за странци. Во него се најбројни Скандинавците кои поседуваат повеќе од 1.000 апартмани, а бројот на Полјаци, кои се практично населени таму последниве години, е зголемен за трипати.
извор: vecer.press