Синдикатите бараат, газдите се противат, а сé уште нема најава за зголемување на минималната плата на 300 евра. Од Сојузот на Синдикатите на Македонија за Алфа велат час поскоро да се донесе Закон со кој ќе се утврди дека минималецот во нема да биде помал од 60% од просечната плата, и бараат уште месецов да добие „амин“. Ако тоа се случи, практично од сегашните 15.000 би се зголемиле на 18.000 денари.
Предлагаме и платите на сите работниците да се усогласуваат со порастот на минималната плата согласно измените и дополнувањата на Законот за минимална плата кои сме ги предложиле, согласно Закон и колективен договор со што спирално ќе се зголемат платите на останатите работници.
Иако минималната плата е покачена за разлика од пред неколку години, но сепак таа не ја покрива потрошувачката синдикална кошничка за едно четиричлено семејство која изнесува 32.500 денари. Затоа синдикатите апелираат на нејзино итно донесување.
Додека Синдикатот бара, стопанството предупредува дека е против какви било наметнати решенија. Бизнисмените реагираат дека секое вештачко зголемување, само би ја нарушило рамнотежата во економијата. Од Коморите велат дека минималецот може да биде и 500 евра ако се базира на зголемена продуктивност, а не нечие барање што е против сите пазарни логики.
Експертската јавност нема дилеми дека платите треба да растат, но дилемите се колку компаниите ќе бидат во состојба да го одврзат ќесето среде криза. Уште повеќе ако тоа биде наметнато со законско решение.
извор: alfa.mk