Работниците конечно дочекаа во недела да имаат повеќе време за семејството. Во првите две седмици од стапувањето во сила на измените на Законот за работни односи и Законот за трговија, најголемиот дел од граѓаните кои за време на викендите оделе на работа сега добија заслужен одмор, барем во неделите.
Инспекторатите со своите дежурни екипи вршат проверки во целата држава, но фокусот засега е ставен на главниот град, со оглед на фактот што најголемиот дел од стопанството е стационирано во Скопје. Синдикатите се задоволни од стартот на имплементацијата на законското решение, но бараат доследно да се применува и оние кои мораат да работат да си ги добијат заслужените зголемени дневници.
Во овие две недели, колку што на сила е новиот зако, Државниот пазарен инспекторат извршил 114 инспекциски надзори и 678 контроли на цела територија на Македонија. Од инспекторатот потенцираат дека освен за неделите контроли, дали се почитуваат работничките права се проверувало и на ден седми јануари – Божиќ кој е државен празник и неработен ден за сите граѓани на Македонија.
„Од одделение за инспекциски надзор Тетово составени се 2 записници по Законот за трговија и не се утврдени неправилности и непочитување на законот. При контроли од одделение за инспекциски надзор Кавадарци на 07.01.2022 и 09.01.2022 година не се затекнати отворени продавници и трговците ги почитуваат законските одредби. Од одделение за инспекциски надзор Штип и Битола извршени се над 80 контроли на трговски објекти. Сите објекти биле затворени и не се утврдени неправилности, работат исклучиво продавници кои се во состав на бензиски станици со уредно пријавено работно време во ДПИ. Од одделение за инспекциски надзор Гостивар со градовите Кичево и Македонски Брод исто така се вршени контроли за работата на објектите во недела и државан празник и не се утврдени непочитување на мерките. Од одделение за инспекциски надзор Скопје извршени се 5 инспекциски надзори и издадени се 3 прекршочни налози, од кои во еден објект за трговија на мало со месо, еден објект за трговија со облека и еден објект прехранбен маркет за кои согласно Законот за трговија утврдени се неправилности и постапката е во тек. Од одделение за инспекциски надзор Струга со градот Дебар државните пазарни инспектори беа излезени на терен и секаде се почитува забраната за работа во недела“, соопштуваат од ДПИ.
Од инспекторатот за труд пак сметаат дека работодавачите засега немаат навика да ги пријавуваат работниците кои се ангажирани или дежурни за време на неделите. Во најголем дел од случаите кога вршеле контроли се било регуларно на лице место. Работеле оние кои имале дозвола, односно затекнати биле дејности на кои им е дозволено да работат. Оние компании кои биле фатени како работат а не смееле, биле во мал број и заработиле санкција од 15 дневно пломбирање на дуќанот. Имало и стопанственици кои се правдале дека не го разбираат законот. Од Инспекторатот за труд велат дека во јавноста има нејаснотии и дилеми кои бизниси може да работат а кои не.
„Според нивите измени во законот трговија на големо и на мало не може да се врши во недела, како и на државни празници и други празници кои се определени како неработни денови. Но има исклучок за одредени дејности, така што дадено е право да работи трговија на мало: со храна, пијалоци и тутун. И тоа само на трговците поединци, да работи само сопственикот. Значи продавници кои се без овошје и зеленчук и да работи само сопственикот на продавницата и друштво со ограничена одговорност од едно лице.“
Синдикатите сметаат дека со тоа што е обезбеден неделен одмор на повеќе од 90 отсто од работниците во државата е постигнат голем напредок на работничките права. На тој начин велат дека тие ќе посветат време на своите семејства, и на обнова на својата работна сила и ќе го искористат ова време за социјални културни и образовни потреби. Но потенцираат дека не смее да се заборави дека оние работници кои ќе работат во дејностите во кои не може да се прекине работниот процес треба да добијат додатокот на плата за работа во недела кој изнесува најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа.
„Законските измени, прецизираат, значат и подобра контрола на работното време и прекувремената работа, односно работникот кој нема да работи во недела ќе знае дека може да работи околу 4,5 месеци прекувремена работа неделно по 8 часа, останатите 7,5 месеци мора да работи 40 часа неделно 5 дневна работна недела па така и сабота е неработен ден, а покрај додатокот на плата за прекувемени часови +35 отсто, ќе добие и бонус плата за прекувремена работа над 150 часа”, велат од ССМ.
Работодавачите и стопанските комори се уште се на став дека секоја компанија треба да одреди дали во недела ќе работи или не. На овој начин велат дека губат и компаниите но и работниците кои сакаат да работат во недела за да добијат поголема дневница која им следуваше на вработените и пред овој закон.
Извор: denar.mk