Учениците кои завршуваат средно образование во учебната 2021/2022 година ќе го полагаат државниот матурски испит исто како учениците од претходната генерација кои минатата година се изборија за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми.
Учениците ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети и една проектна задача, а покрај непроменетите услови за полагање, годинава ќе има проширување само на листата интерни предмети за учениците во средното стручно образование поради новите образовни профили кои претходно не постоеја.
Веќе се познати датумите за екстерните испити од учебната 2021/2022 година во јунската испитна сесија – на 4 јуни матурантите ќе бидат тестирани по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература) и на 13 јуни ќе биде тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.
Учениците што ќе полагаат државна матура во јуни до крајот на декември имаа обврска да се пријават во училиштата кои до 20 јануари имаат рок да ги ажурираат податоците во електронската база на Државниот испитен центар.
Државниот испитен центар (ДИЦ) најавуваше нова концепција за матура што сеуште се подготвува и ќе почне да се применува за матурантите во идната учебна 2022/2023 година. Новата концепција за идната генерација матуранти предвидува три вида државна матура според видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко.
Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19, а на барање на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.
извор: meta.mk