Акциите на популарната стриминг страница, Нетфликс вчера за неколку часа паднаа за речиси 20 отсто, откако кварталниот извештај на компанијата покажа дека растот на претплатниците е под очекувањата.
Како што јави ДПА, Нетфликс во четвртиот квартал додаде 8.28 милиони нови претплатници на глобално ниво,или малку под сопствената прогноза од 8.50 милиони, и периодот го заврши со 221.84 милиони претплатници.
Во текот на последниот квартал компанијата додаде 1.19 милиони клиенти во регионот на САД и Канада, додека во регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА) додадени се 3.54 милиони нови претплатници. Во Латинска Америка (LATAM) приливот на претплатници нарасна за 0.97 милиони, а во Азија-Пацификот (APAC) се зголеми за 2.58 милиони.
Во првиот квартал од оваа година Нетфликс очекува да додаде 2.50 милиони претплатници.
Нетфликс смета дека зголемената конкуренција од другите стриминг компании е причината за забавување на нови претплатници.
-Потрошувачите отсекогаш имале голем избор кога е во прашање нивното време за забава – натпревар кој се интензивира во последните 24 месеци, откако компаниите за забава насекаде во светот развија сопствена стриминг понуда, изјави компанијата.
Нетфликс додаде дека „додека оваа конкуренција можеби влијае на нашиот маргинален раст, ние продолжуваме да растеме во секоја земја и регион во кои се појавија овие нови стриминг алтернативи”.
Компанијата ја објави заработката за четвртиот квартал, а таа е зголемена во однос на истиот период минатата година и ги надмина проценките.
Заработката е 607 милиони долари или 1.33 долари по акција. Во претходниот четврти квартал, заработката беше 542 милиони долари или 1.19 долари по акција.