Во текот на февруари Сојузот на синдикати на Македонија ќе започне кампања со која секој месец ќе бидат опфатени по две дејности во кои ќе се анализира дали навистина се почитува исплатата на дневница на работниците за работа во недела, кои мора да бидат минимум 50 отсто зголемена дневница, вели претседателот на Синдикатот.
Од ССМ велат дека се задоволни со спроведувањето на ова законско решение, а за сите забележани неправилности ќе бидат поднесени пријави до Инспекторатот за труд и до Пазарниот инспекторат за што веќе се изречени и првите санкции. Неправилности се констатирани во маркети и пекари и во други дејности, а спорни се и спортските обложувалници, казината и угостителските објекти од типот на кафулиња каде не се служи храна.
„Секаде каде имаме поплаки, пријавивме до Државниот инспекторат за труд и до Пазарниот инспекторат и има резултати. Четворица работодавачи кои го прекршиле законот, веќе се парично казнети и затворени 15 дена. Дополнително, онаму каде што сметавме, како што се спортските обложувачници и коцкарници кои не се предвидени во дејностите кои можат да работат во недела, пративме претставки до Министерството за труд и социјална политика и до Министерството за финансии бидејќи очигледно на тие дејности, некој со мислење, а не со законот, им дал да работат. Тоа за нас е неприфатливо бидејќи мислењето не може да го дерогира законот, а законот е јасен дека сите оние дејности кои не се пропишани за работа во недела, не можат да работат. А тоа ни се случува со спортските обложувачници и коцкарниците“, посочуваа од ССМ.
Тој нагласува дека ССМ е изненаден од потегот на Стопанската комора на Северна Македонија која законското решение го оспори пред Уставниот суд, но се согласи во февруари да го повлече, за кое време би се барале решенија за спроведување на законот.
извор: mkd.mk