Пазарот на криптовалути доживеа крах, без разлика дали крипто-инвеститорите сакаат да си го признаат тоа или не. Падот на вредноста од 25 отсто, 33 отсто и 45 отсто за помалку од еден месец, во зависност од криптовалутата за која станува збор, не може да се оправда со никакви „системски осцилации“.
Крах е единственото точно име за таков пад за кратко време
Секое средство што губи толку многу вредност толку брзо доживува крах, било да се тоа акции, обврзници, стоки или криптовалути. Терминот „корекција“ не е доволен за да се оправда ваквото опаѓање на вредноста за толку кратко време, особено затоа што добар дел од тој пад се случи за само неколку дена, пишува index.hr.
Празни се аргументите на оние кои тврдат дека падот на цената на биткоинот од 47.000 долари, кој заврши во 2021 година, на сегашните помалку од 36.000 долари (во моментот на пишување), не може да се нарече крах. Фактот дека вредноста беше под 10.000 долари пред пет години, значи малку за оние кои го купија по цени кои се движат од 40.000 до 60.000 долари, опсег со кој се тргуваше во последните шест месеци.
Тие изгубија од својата инвестиција и единственото прашање е дали ќе паничат и ќе продаваат или ќе се надеваат на закрепнување на цената. Во првиот случај ја прифаќаат досегашната загуба, но го спасуваат остатокот од инвестицијата, а во вториот чекаат подобри времиња и раст на цените, но со ризик цената да не закрепне или да не закрепне доволно за да им ја надокнади загубата.
Многу нестабилен пазар
Факт е дека вредноста на криптовалутите многу флуктуира со текот на времето. Оваа осцилација создава можности за оние кои повнимателно ги следат настаните да ги искористат предностите со купување кога цената паѓа и од нив да остварат убав профит кога цената ќе закрепне. Но, самиот факт што овие пазари флуктуираа не значи дека наглиот пад на цените за краток временски период не е крах, како на сите други пазари.
Поради осцилацијата на пазарот овие крахови се многу почести и тие што подолго го набљудуваат тој пазар се навикнати, дури и го очекуваат. Оние кои професионално тргуваат дури и посакуваат такви падови бидејќи подоцна кога ќе се опорави цената, можат да заработат повеќе. Менувањето на циклусите на раст, врвови, падови и дно е составен дел на сите пазари, освен што на пазарот на криптовалути овие циклуси се поизразени.
Ова не значи дека остриот пад на цените, како што се гледа на пазарот на криптовалути од почетокот на годината, не е крах. Вакви работи се случуваат на сите пазари, само многу почесто на пазарот на криптовалути поради неговата природа. Сосема е можно закрепнувањето да биде силно и брзо како падот.
Вчера во 13 часот, Биткоинот падна на нешто повеќе од 33.000 долари. Ова беше најниско ниво во последните неколку месеци. Но, во последните неколку часа тој значително се опорави и скокна на над 36.000 долари.
Криптовалутите добро се интегрираа
Постојат неколку причини за пад на цените, што е добра вест. Ова значи дека криптовалутите станаа толку поврзани со остатокот од економијата, финансиските пазари, што вестите за економската ситуација влијаат на нивната цена.
И криптовалутите навистина станаа вообичаен дел од портфолиото на големите инвеститори и веќе постои врска помеѓу основите на финансиските пазари и движењата на цените на пазарот на крипто. Криптовалутите се се помалку шпекулации, а се повеќе инвестиции поврзани со „реалноста“.
Еден од најголемите инвеститори, Ворен Бафет, еднаш рече дека шпекулациите се како порнографија, а сакаше да каже дека не можете да ги дефинирате, но знаете дека тие се таму кога ќе ги видите. Многумина тврдат (и сè уште тврдат) дека криптовалутите се чисто шпекулации, но поврзувањето со финансиските пазари и остатокот од економијата значи дека тоа е сè помалку точно.
Овој колапс, сепак, е доказ дека крипто-пазарите треба да поминат долг пат за да ги намалат осцилациите и шпекулациите за да се сметаат за еднакви на старите пазари.
Колапсот е дел од пошироките економски движења
Така, една од причините за падот на цените е општото движење на светската економија, која закрепнува побавно од очекуваното на крајот на 2021 година. Причина за ваквото побавно закрепнување е омикронот, кој внесе нова неизвесност, а земјите реагираа со воведувањето нови мерки за борба против ширењето на најновата варијанта на Ковид-19, која го забави закрепнувањето на економиите.
Треба да се нагласи дека не е само крипто-пазарот кој е во пад. Берзите ширум светот се во минус од почетокот на годината. Индексот Dow Jones (индексот на цените на акциите на триесетте најважни компании во САД) паднаа за повеќе од 10 проценти од почетокот на годината, како и другите берзански индекси (S&P 500, Nasdaq). Слична е состојбата на сите берзи во светот. Но, тие загуби се мали во споредба со падот на пазарот на крипто.
Што се придонесе за страшниот пад
Некои го поврзуваат падот на цените на криптовалутите со тензиите во Украина. Имено, се верува дека во моменти на голема неизвесност во светот, каква што секако е кризата во Украина, инвеститорите се повлекуваат од високоризичните инвестиции. Паѓаат и берзите, а трендот на бегање од ризични инвестиции особено влијаеше на крипто-пазарите, кои се инхерентно со висок ризик.
Дополнителна причина за падот на цените се најавите за дополнителни регулативи за крипто-пазарот во САД, објавени од администрацијата на Бајден, но и од шефот на ФЕД, Џером Пауел. Најавено е стопирање на злосторствата поврзани со криптовалути, избегнување даноци преку криптовалути, регулирање на криптовалутите поврзани со вредноста на другите средства како златото (т.н. стабилни валути) и подобро следење на инвестициите преку криптовалути. И во историјата, пазарот реагираше негативно на какви било државни забрани или најави за регулација, а сега ваквите најави доаѓаат со други лоши вести.
Федералните резерви на САД поставуваат замка за криптовалутите?
Американскиот ФЕД најави и зголемување на референтната каматна стапка годинава, во четири наврати, како дел од борбата против инфлацијата. Тоа е вовед во крајот на ерата на евтините пари, во која каматните стапки на банкарските кредити се со историски ниски стапки, а каматите на штедењето практично не постојат. Поскапите задолжувања ја забавуваат економијата, на што прво негативно реагираат берзите, а според новиот изглед и крипто пазарите.
Пред неколку дена, Централната банка на Русија објави целосна забрана за ископување и поседување криптовалути, повикувајќи на закана за финансиската стабилност, благосостојбата на граѓаните и монетарниот суверенитет. Кина ги забрани минатата година.
Неизвесноста продолжува
Општата состојба се уште е нестабилна. Во Ел Салвадор, биткоинот беше воведен како легална валута за плаќање на иницијатива на претседателот Најиб Букеле. Оттогаш државата купува биткоини, а според последните информации купила приближно 1.800 биткоини. Бидејќи цените паѓаат во последниве месеци, ова се покажа како многу лоша инвестиција, поради што многумина побараа оставка на претседателот Букеле.
Криптоинвеститорите се уште тврдат дека ова е само корекција и дека цената брзо ќе закрепне, а до крајот на годината ќе биде над 100.000 долари. Тоа можеби е точно, но останува фактот дека моментално се распродава, а пазарот е во состојба на колапс.
Креаторот на биткоинот се уште не е познат и го знаеме само под псевдонимот Сатоши Накамото, зад кој можеби стојат повеќе луѓе. Идејата за биткоин е создадена уште во 2008 година, а тој што ја смислил би бил меѓу 20-те најбогати луѓе на планетата денес.
Тешко е да се предвиди како ќе се одвиваат работите, т.е. колку ќе биде потребно за цената да се врати на претходните нивоа и барем да ги надомести загубите од почетокот на годината, кога цената на еден биткоин беше околу 47.000 долари. Има многу непознати, а главното прашање е што ќе се случи кога ќе се ископа целиот биткоин бидејќи, за разлика од повеќето други криптовалути, неговата количина е ограничена на 21 милион, од кои околу 19 милиони се веќе ископани.
Сите пазари се пред неизвесни денови, особено пазарот на криптовалути.