Не е оправдано барањето да не се носат маски додека трае наставата, посебно не сега во период кога имаме и по над 2.000 нови ковид случаи на ден, предупредува епидемиологот д-р Александар Стојанов за Мета. Д-р Стојанов вели дека во време кога имаме сој кој брзо се шири, воопшто не е паметно децата да не носат маски.
„Не треба да забораваме дека 1 отсто од заразените со Омикрон умираат.
Сега баш не треба да се тргнат маските, не е моментот. Од друга страна, нема распространетост на вирусот меѓу децата. Дали треба да има?“, прашува Стојанов. Децата не се гушат со носењето маски, додава тој.
„Нема ништо да им биде. Ова не е гас маска за да се гушат. Луѓето треба да знаат дека Омикрон остава последици. Какви последици, ќе дознаеме допрва“, предупредува епидемиологот.
Во соопштението до медиумите од Иницијативата, стои дека родителите кои ја поддржуваат, се категорични во намерата дека со почетокот на второто полугодие, нема да ги пуштаат децата со маски на училиште.
Инаку, заради големиот број ковид случаи, надлежните одлучија зимскиот распуст да биде продолжен до 1 февруари. Сè уште нема одлука за тоа дали наставата ќе се изведува онлајн или со физичко присуство.
Според последниот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, во последните седум дена регистрирани сe 11.610 нови позитивни случаи. Изминатата недела од ковид починале 97 лица, за 76,4 отсто повеќе во однос на претходниот период. Најголем дел од нив се од Скопје.
Од почетокот на пандемијата до сега од ковид во земјава заболеле речиси 260.000 лица, а починаа 8.266. Во моментот бројот на активни случаи изнесува 20.856.
извор: meta.mk