Пред една недела, Европскиот Совет усвои препорака за координиран пристап за олеснување на безбедното и слободно движење за време на пандемијата со Ковид-19.
Притоа предвид се зема значителното зголемување на стапката на вакцинација и брзото воведување на ковид сертификати, па се заменува досегашната важечка препорака. Препораката ќе стапи на сила на 1 февруари 2022 година, истиот ден како и актот за изменување на регулативата за ковид сертификатите, со која се предвидува рок за прифаќање на потврдата за вакцинација од 270 дена (неограничено во случај на примена бустер доза).
Клучна одредница треба да биде статусот на патниците во однос на Ковид-19, односно дали лицето е вакцинирано, тестирано или опоравено од болеста, за што сведочи дигиталниот сертификат на ЕУ, а не регионот од кој доаѓа.
Патниците со важечки дигитален сертификат на ЕУ не би требало да подлежат на дополнителни ограничувања на слободното движење.
Валиден дигитален ковид сертификат на ЕУ вклучува:
– Сертификат за вакцинација со вакцина одобрена на европско ниво, ако од примањето на последната доза поминале најмалку 14, но не повеќе од 270 дена. Земјите-членки може да прифатат и сертификати за вакцинација со вакцини одобрени од националните власти или Светската здравствена организација;
– Негативен резултат од ПЦР тест не постар од 72 часа пред патувањето или негативен резултат од брз антигенски тест не постар од 24 часа пред патувањето;
– Потврда за прележана болест на која е видливо дека не поминале повеќе од 180 дена од датумот на првиот позитивен тест;
– Од лицата кои немаат дигитален сертификат на ЕУ може да се бара да направат тестирање пред пристигнувањето или најдоцна 24 часа по пристигнувањето. Патниците кои патуваат поради нужност, прекуграничните работници и децата под 12-годишна возраст би требало да бидат исклучени од ова барање.
Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) треба да продолжи да објавува мапа на регионите на земјите-членки во која преку употреба на боите на семафорот (зелена, портокалова, црвена, темноцрвена) ќе се означува потенцијалното ниво на ризик од инфекција. Картата треба да се заснова на 14-дневната стапка на пријавени случаи, стапката на вакцинација и стапката на тестирање.
Новата препорака го зајакнува и т.н. механизам за итно сопирање за да одговори на појавата на нови варијанти на вирусот што предизвикува загриженост. Доколку земја-членка наметне ограничувања како одговор на појавата на нова варијанта, Советот треба да ја разгледа ситуацијата, во тесна соработка со Комисијата и со поддршка на ECDC.