Останува отворено прашањето дали ќе биде исполнето барањето на синдикатот за зголемување на минималната плата на 18.000 денари. Одлуката ќе се носи во среда на Економско-социјалниот совет на кој ќе присуствуваат и работодавачите како трета страна на социјалниот дијалог.
Синдикатот бара зголемување на минималната плата веднаш и спирално зголемување на сите останати плати, а доколку не биде исполнето ова нивно барање, најавуваат штрајк, но не се исклучени и други форми на изразување незадоволство како протести и блокирање улици.
Минималната плата се усогласува секој март во годината, но синдикатот бара зголемување веднаш. Ваквото барање е егзистенцијално имајќи го предвид зголемувањето на трошоците за живот, економската и енергетската криза. Како аргумент плус го посочуваат и тоа дека две минимални плати не се доволни да ги задоволат минималните трошоци на едно семејство. Минатата недела, презентираа и анализа која покажува дека зголемувањето на минималната плата не влијае негативно на фирмите и на нивната профитабилност, туку ја зголемува мотивираноста и продуктивноста кај работниците, а со тоа позитивно влијае и врз профитабилноста на компаниите.
Минималната плата беше воведена во јануари 2012 година, кога беше донесен Законот за минимална плата. Тогаш минималната плата изнесуваше 8.050 денари, освен за текстилната и кожарската индустрија, сектори во кои оваа сума беше достигната во 2015 година. Последната законски утврдена минимална плата беше во 2019 година, кога беше утврдена на 14.500 денари. Во меѓувреме со усогласувањето со трошоците на живот таа се искачи на околу 15 илјади денари. Висината на минималната плата во 2019 година беше усогласена по неколкумесечно преговарање преку социјален дијалог со сите социјални партнери, во договор и со синдикатите и работодавачите.
извор: biznisvesti.mk