Од прилагодливи стоечки маси во канцелариите до бироа со вграден простор за спиење, мислевме дека сме виделе се. Барем додека не наидовме на оваа работна маса наменета за вработени кои имаат мали деца. Покрај вообичаеното дрвено биро на кое можат да работат, овој дизајн вклучува и дополнителен простор, наменет и прилагоден за мало дете.
„Конечно, биро за вработените родители“, напиша директорот на компанијата PinCap, со објава на слика од вакво биро. Тој воопшто не очекувал дека неговата објава ќе предизвика бурни реакции на социјалните мрежи.
Поделени мислења и реакции
Од илјадниците коментари на родители под неговата објава на LinkedIn, позитивните коментари кои ја поддржуваат иницијативата се навистина ретки.
„Дали мислите дека е здраво да го држите детето во простор од еден метар во работно време од 10 часа?“, стои во еден од коментарите.
Друга причина за поделените реакции е сликата од жена која работи на бирото а до неа се наоѓа дете (веројатно нејзино) во затворен простор за игра. Во голем дел од коментарите под објавата се дискутираше за поголемиот притисок врз жените кои се мајки. Покрај тоа што ќе ја работи својата работа, во овој случај од мајката би се очекувало истовремено и да се грижи за своето дете.
Освен здравјето на детето и дополнителниот притисок врз жените, прашање беше и дали концептот од ваков тип е навистина реален. Бидејќи детето бара многу внимание и не може долго да седи мирно додека родителот работи, сосема очекувано е дека по некое време тоа ќе почне да им пречи на другите вработени. Покрај тоа, и на родителите на тоа дете им треба мир и тишина за работа. Да заклучиме, ваквиот систем би ја отежнал концентрацијата на работното место и за родителите и за вработените.
A new public library in my area has these work stations for caregivers with babies! Maybe these are common in other places but Ive never seen anything like this before. pic.twitter.com/svmhWu7QbK
— Ali Faruk (@FamiliesFwdVA) January 22, 2022
Ова биро всушност се користи во една библиотека во државата Вирџинија. Бирото не е наменето за родителите да се грижат за своите деца во текот на целото работно време, како што сугерира објавата на LinkedIn. Бирото е наменето за пократка употреба за да им олесни на родителите кои доаѓаат во библиотеката. Бирото е краткорочна алтернатива за родителите кои инаку би морале да го држат детето во раце додека бараат информации на компјутер.
И покрај појаснување на ситуацијата, оваа објава се уште на големо се коментираше на социјалните мрежи.
Имено, вработените родители сметаат дека ова е неуспешен обид да им се овозможи на родителите со мали деца истовремено да работат и да се грижат за своет дете. Така, овој гест не може да ги реши главните проблеми за грижата за децата. Проблемите како што се породилното отсуство и недостапноста на прифатлива грижа за децата треба да ги обезбеди институција на која родителите би можеле да го доверат своето дете за време на работата.
Што мислите вие на темата?