Околу 15 проценти од сите поплаки до Организацијата на потрошувачи се однесуваат на нарачани или купени производи од трговци кои огласуваат преку социјални мрежи, а кои стануваат недостапни за онлајн купувачот доколку тој се обиде да реагира. Граѓаните кои купуваат преку интернет и особено преку социјалните мрежи треба да се сигурни од кого купуваат и да проверат дали станува збор за легална или нелегална онлајн продавница, велат од Организацијата на потрошувачи.
Проблемот, посочуваат од ОПМ, е во тоа што купувачите не знаат дали купуваат од легални или нелегални онлајн продавници бидејќи на социјалните мрежи секој може да отвори профил. Затоа препорачуваат секогаш кога се купува преку социјалните мрежи, потрошувачите да бидат особено внимателни и да проверат дали онлајн понудата е од регистрирана фирма, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција и дали при испораката на производот доставува фискална сметка или сметко-потврда.
„Проблемот е што купувачите кога купуваат преку интернет не знаат дали купуваат од легални или од нелегални онлајн продавници. Најчесто, нелегалните продавници имаат свој профил на социјалните мрежи, телефон, адреса (кои и во најголем случај се непостоечки). При онлајн купувањето, особено доколку станува збор за купување од социјалните мрежи, потребно е потрошувачите однапред да утврдат дали таа продавница е регистрирана фирма, дали има седиште, физичка продавница или пак е регистрирана онлајн продавница, дали продавачот нуди можност за плаќање преку трансакција, преку уплатница во банка и за нарачката им испраќа валидна потврда на е-маил, дали при испорака на производот им доставува фискална сметка/фактура или сметко-потврда. Продавачите кои не се регистрирани не издаваат фискална сметка, гарантен лист, фактура и друга техничка документација за одреден технички производ или бела техника“, истакнуваат од ОПМ.
Апелираат граѓаните да бидат особено внимателни при купувањето преку социјалните мрежи затоа што нема механизам со кој би се спречило некој да отвори профил и да нуди производи онлајн. Во случај на злоупотреба на личните податоци на потрошувачот, треба веднаш да се пријави во Министерството за внатрешни работи.