Александар Стојков во рамки на велосипедската трка „Вера тур 2022“ ќе вози со велосипед 2.500 километри околу ексју републиките.
Стојков е организатор на трката која е во чест на неговата покојна мајка Вера Стојкова, но и во чест на сите оние што ги загубија животите од пандемијата Ковид-19.
Велосипедската тура почнува од родното место на Вера и на Александар, Свети Николе, на 21 март и ќе се вози низ 5 поранешни Ју-републики (Македонија, Србија, Хрватска, БиХ, Црна Гора) и Албанија, а финишот повторно е во Македонија, на 5 април.
Турата ќе се вози во вкупно 15 етапи, со околу 170 километри секоја, во 15 дена, со само два дена пауза меѓу етапите, што е подвиг еднаков на големите велосипедски натпреварувања.
Идејата за ваков спортски предизвик, сериозен логистички и организациски потфат, дојде во момент кога поради смртта, Александар не беше во можност да ја однесе неговата мајка на местата каде што работи, создава и гради. Сето тоа го мотивираше да осмисли една ваква манифестација во форма на аматерска маратонска тура со велосипед, која ќе ги обедини сите тие места, сите главни градови на овие 6 држави, сите места од неговото детство, сите важни места за семејството, но и за нас како држава, Македонија, велат организаторите на настанот.