Граѓаните велат дека ова покачување ќе ги погоди оние кои земаат мали плати, и постои можност дел од нив да се откажат од работа во главниот град, по што ќе бараат работа во родниот град или во странство
Поскапеа автобуските билети во целата држава, а кумановци за да отпатуваат до своето работно место во Скопје ќе треба да платат 150 денари во еден правец.
Граѓаните велат дека ова покачување ќе ги погоди оние кои земаат мали плати, и постои можност дел од нив да се откажат од работа во главниот град, по што ќе бараат работа во родниот град или во странство. Кумановци велат дека трошоците за живот растат многу побрзо од платите, така што на крајот на месецот секој работник се пресметува дали одредена работа е исплатлива или не. Досега голем број граѓани на Куманово одеа на работа во Скопје, затоа што таму имаат поширок спектар на професии, и поголема шанса за напредок.
„Не се исплати. Дневно ќе даваат по 300 денари, а пресметајте 30 дена, па тоа се 9.000 денари за превоз. И да патува со автомобил, треба да плати патарина. Не е лесно никако. Животот стана скап. Можеби нема да се откажат, но ќе мора да штедат“, вели повозрасен граѓанин.
Сите се сложуваат дека инфлацијата удри по џеб граѓаните.
„Скапо е и патувањето. Платите треба да бидат 30.000 денари, стандардот е низок. Тоа ќе биде терет за семејствата и ќе мора дома пензионерите да помагаат на помладите“, вели Драган Стефановски, граѓанин.
Во минатото многу граѓани и од околните села патуваа на работа во Скопје, но сега поради зголемувањето на трошоците, истите попрво ќе отидат во Хрватска, Малта, Германија, и бираат работа која носи повеќе пари.
„Прескапо е, и затоа младите избегаа во странство. Моите деца патуваа, ама сега веќе не, во странство се. Се малтретираа, стануваа во 5 часот наутро за да стигнат на работа навреме“, раскажува Богица Димовска, која живее во Општина Старо Нагоричане.
Од компанијата Штуз велат дека глобално има поскапувања, покачена е нафтата, резервните делови и морале да ја зголемат цената на билетите.
„Освен тој билет во еден правец кој чини 150 денари, за оние кои патуваат секој ден имаме поволна варијанта, односно месечен билет кој чини 3.700 денари. Има поскапувања на светско ниво и ние моравме сето тоа да го калкулираме во нашето работење“, велат од Штуз.
Од оваа компанија за превоз на патници објаснуваат дека поради пандемијата, иселувањето, поради дивите превозници, но и поради фактот што дел од луѓето се групираат и со приватни автомобили патуваат до Скопје, во автобусите има помалку патници. Поради пандемијата имаше и прекин на линиите кон Скопје и сето тоа им зададе финансиски удар. Според некои неофицијални податоци, се смета дека околу 4.000 кумановци секој ден патуваат во Скопје поради работа. Откако почна пандемијата, билетот за релацијата Куманово – Скопје од 100 скокна на 120, а сега и на 150 денари.