Студентите кои ги исполнуваат условите за користење на годишен студентски билет за бесплатен јавен превоз имаат право на бесплатен превоз со непродолжен билет уште неколку дена, односно до понеделник, 28 февруари.
Од 1 март, оние студенти што не ги продолжиле своите билети, во случај на линиска контрола ќе бидат казнети.
„Од 01.03.2022 година секој студент од посочената категорија, доколку не поседува уредно заверен/продолжен билет, во случај на линиска контрола, ќе добие записник (казна), доколку не поседува друг тип валиден билет. Единствен валиден документ за користење на бесплатниот превоз е уредно заверен/продолжен билет за тековната година, не се признаваат индекс, потврда за студент и слично“, велат од ЈСП.
ЈСП и годинава, по барање на студентите, за два месеца го продолжи рокот за продолжување на важноста на студентските билети за 2022 година.
Продолжувањето на билетите се врши во некој од центрите за персонализација на ЈСП со неопходната документација – индекс на увид со запишан летен семестар и потврда за редовен студент, не постара од еден месец.
На оние студенти кои првпат запишале прва година во 2021 година и го користат правото за бесплатен јавен превоз, билетот автоматски им важи до крајот на оваа, 2022 година.
Право на користење на студентски билети имаат сите редовни студенти на државните универзитети во Скопје на додипломски студии, без ограничување на возраста.
извор: radiomof.mk