Долгото работно време е причина за 745.000 смртни случаи од мозочен удар и исхемично срцево заболување, според проценките на Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната организација на трудот (МОТ).
СЗО и МОТ проценуваат дека 398.000 луѓе починале од мозочен удар и 347.000 од срцеви заболувања, поради тоа што работеле најмалку 55 часа неделно.
Помеѓу 2000 и 2016 година, бројот на смртни случаи од срцеви заболувања поради долго работно време се зголемил за 42%, а од мозочен удар за 19%.
Болестите поврзани со работата се почести кај мажите (72% од починатите се мажи), луѓе кои живеат во регионите на Западен Пацифик и Југоисточна Азија и средовечни или постари работници.
Студијата заклучува дека работењето 55 или повеќе часа неделно е поврзано со околу 35%поголем ризик од мозочен удар и 17% поголем ризик од смрт од исхемична срцева болест, во споредба со работа од 35 до 40 часа неделно.
Студијата, исто така, утврдила дека се зголемува бројот на луѓе кои работат многу часови, и во моментов изнесува девет проценти од вкупното глобално население.
Работењето онлајн стана норма во многу индустрии и честопати ги замаглува границите помеѓу домот и работата.
“Ниту една работа не вреди толку за да претставува ризик од мозочен удар или срцеви заболувања. Владите, работодавците и работниците треба да работат заедно за да се договорат за ограничувања со цел заштита на здравјето на работниците“, истакна шефот на СЗО.