За 73 години постоење
На денешен ден 1949 година со закон на Народното собрание на НР Македонија основан е Универзитетот во Скопје, а со одржувањето на првото Универзитетско собрание на 24 април 1949 година, означено е раѓањето на Универзитетот, како највисока научна и образовна институција во Македонија.
За прв ректор на Универзитетот бил избран Кирил Миљовски, македонски академик, и учесник во НОВ, а сегашен ректор на највисоката научно образовна институција во Македонија е проф. д-р Никола Јанкуловски.
Во 1969 година, при одбележувањето на 20-годишнината од работата на Универзитетот, тој го доби името Универзитет „Кирил и Методиј“, а на 12 ноември 1992 година, со одлука на Универзитетскиот совет, Универзитетот „Кирил и Методиј“ пред името на словенските просветители го добил и епитетот „свети“, односно „Свети Кирил и Методиј“.
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е првиот државен универзитет во Македонија, кој денес претставува заедница на 23 факултети, пет научни институти, четири јавни научни установи – придружни членки, една придружна членка – друга високообразовна установа и седум придружни членки – други организации. Неговата дејност е уредена со Законот за високото образование и со Статутот на Универзитетот.
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ постојат студиски програми во сите научни области и тоа – природно-математичките, техничко-технолошките, медицинските науки и здравствoто, биотехничките, општествените, хуманистичките науки и во уметностите. Истражувачката работа, освен на факултетите, се одвива и на научните институти во состав на Универзитетот.
Во наставно-образовниот процес на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на сите факултети се вклучени повеќе од 28.400 студенти во прв и 1.100 студенти во втор циклус на студии. Третиот циклус – докторски студии се реализира во рамките на Школата за докторски студии на УКИМ, со вкупно 1.071 студенти. Во реализацијата на наставно-образовниот и научниот процес на факултетите и институтите учествуваат над 3.100 наставно-научни и соработнички, како и административни кадри.
Во досегашното опстојување на Универзитетот образовани се околу 134.600 високостручни кадри, над 13.800 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области
Во 2007 година Универзитетот „Кирил и Методиј“ е одликуван со Орден на Република Македонија за постигнатите исклучителни резултати во долгогодишната научна, наставна и апликативна дејност, давајќи значителен придонес за севкупниот развој и афирмација на Република Македонија како современа демократска држава во светот.