Алкалоид АД Скопје, во периодот јануари-декември 2021 година оствари позитивни финансиски резултати.
Вкупни приходи
Остварените единечни вкупни приходи во периодот јануари-декември 2021 година изнесуваат 10.016.206 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат пораст од 4%. Во структурата на вкупните приходи најголемо учество, 95%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат пораст од 4%.
Остварените консолидирани вкупни приходи во периодот јануари-декември 2021 година изнесуваат 13.196.6 95 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат пораст од 5%. Во структурата на вкупните приходи, најголемо учество, 97%, имаат приходите остварени со продажба на производи и на услуги, кои во споредба со остварените во 2020 година бележат пораст од 5%.
Вкупни расходи
Остварените единечни вкупни расходи во периодот јануари-декември 2021 година изнесуваат 8.628.364 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат пораст од 3%.
Остварените консолидирани вкупни расходи во периодот јануари-декември 2021 година изнесуваат 11.736.771 илјади денари и во споредба со остварените во истиот период во 2020 година бележат пораст од 5%.
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари-декември 2021 година изнесуваат 1.186.125 илјади денари.
Во периодот јануари-декември 2021 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 214 нови вработувања во Р.С.Македонија.
Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во март 2021 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од 100 % од просечната исплатена нето-плата од работник во претходните три месеци во Р.С.Македонија. Исплатениот надомест од вработен е во износ од 31.167 денари бруто, односно 28.050 денари нето. Во декември 2021 Управниот одбор по повод Јубилејот 85 години АЛКАЛОИД, одобри исплата на награда за вработените во нето износ од 28.000 денари. Групацијата АЛКАЛОИД брои 2.528 вработени, од кои 1.942 се во базата во Скопје, а 586 се вработени во подружниците во странство.
Од вкупните консолидирани продажби, 65% се остварени на странските пазари. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 160 %), Полска (раст од 131 %), Украина (раст од 47 %), Русија (раст од 45 %), Унгарија (раст од 30 %), Бугарија (раст од 16 %), Чешка раст од 12 %) итн. За првпат во сегментот фармација се реализираа продажби на производи во Германија, Австрија, Португалија и на Кипар, а во сегментот козметика се реализираше првата поголема продажба на колекцијата Becutan во Саудиска Арабија.
Остварената единечна нето-добивка во 2021 година изнесува 1.281.406 илјади денари и во споредба со остварената во 2020 година бележи зголемување за 12%.
Остварената консолидирана нето-добивка во 2021 година изнесува 1.304.960 илјади денари и во споредба со остварената во 2020 година бележи зголемување за 12%.