Ротердам ќе демонтира историски мост за под него да може да помине суперјахтата на американскиот милијардер Џеф Безос.
Властите во Ротердам официјално потврдија дека ќе биде демонтиран историскиот мост Конингсхавен за да може да помине новоизградената суперјахта на основачот на „Amazon“, Џеф Безос.
Јахтата ја изградила холандската компанија „Oceanico“, а истата е долга 127 метри и висока 40 метри поради што не може да помине под мостот.
Мостот Конингсхавен, локално познат како Де Хеф, ќе биде демонтиран во централниот дел и тоа само привремено додека јахтата не ја помине оваа локација.
Овој потег предизвика незадоволство кај граѓаните бидејќи челичниот мост има долга историја и сега е национален споменик, а големото реновирање е направено помеѓу 2014 и 2017 година кога официјалните лица изјавија дека тој повеќе нема да се демонтира.
Сепак, потегот го оправдуваат со договорот дека со отворањето на нови работни места за изградбата на јахтата е ветено дека ќе се овозможи нејзино поминување и дека мостот повторно ќе биде составен. Друго решение нема, бидејќи мостот се наоѓа на единствениот излез кон морето. Исто така, не било практично да се заврши работата за изградбата на јахтата на друга локација.
Исто така, за официјалните лица е важно Ротердам да ја задржи репутацијата на „главен поморски град во Европа“, бидејќи бродоградбата и активностите во овој сектор се важен столб на општеството.
Процесот на демонтирање и повторно составување на мостот најверојатно ќе се изврши во текот на летото.
Јахтата позната под ознаката „Y721“ ќе биде најголема од ваков вид во светот и ќе има и помошна јахта и хелиодром. Јахтата на милијардерот чини 485 милиони долари.