Поради обилни врнежи од снег од доцна попладнево е воведена забрана за сообраќај на товарни моторни возила на превојот Пресека и на патните правци Гостивар – Стража и Крак Маврово – Дебар.
Како што соопшти АМСМ, во исто време, поради врнежите од снег кој се задржува на коловозот се воведува задолжително користење на зимска опрема на регионалниот пат Тетово – Попова Шапка.
На останатите патни правци низ државата сообраќајот се одвива непречено по наместа влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
извор: nezavisen.mk