Во технолошко-индустриските развојни зони во февруари е забележан раст на бројот на вработени за четири проценти и раст на извозот над 30 проценти, покажува редовната месечна анализа што ја прави Дирекцијата на технолошко-индустриските развојни зони.
Анализата покажува дека во февруари е регистрирано и високо ниво на нето извозот од 16,3 проценти.
Бројот на вработени, како што информира Дирекцијата на ТИРЗ, достигнал највисоко ниво досега. Во компаниите во ТИРЗ работат 14.430 граѓани што е за над четири проценти повеќе во однос на истиот период лани, а само во однос на јануари има пораст од два процента.
– Се очекува трендот на раст да продолжи со оглед на тоа што ТИРЗ во 2021 година постигна договори за инвестиции во вкупен обем од 188 милиони евра кои треба да донесат нови 2700 работни места. Поголемиот дел од овие проекти е планирано да започнат со производство годинава, се вели во соопштението од Дирекцијата на ТИРЗ.
Оттаму велат дека ги следат ризиците од глобалните случувања и доколку е потребно ќе бидат предложени мерки за справување со можните последици за компаниите.